Пакомак донираше 30 контејнери за пластика во општина Штип

61

pakomakКомпанијата Пакомак продолжува со инвестиции низ земјава во контејнери за комунален отпад, кои ќе овозможат селективно собирање на амбалажниот отпад, поголема хигиена и зачувувањето на животната средина. Денес во оштина Штип беше извршено примопредавање на 30 нови, жолти контејнери за пластика, донација од Пакомак. Во изминатиот период беа донирани и 40 пластични контејнери, што севкупно придонесува кон подобрување на комуналната инфраструктура во градот и им овозможува на граѓаните на општина Штип селективно да го одложуваат отпадот.

“И понатаму ќе продолжиме со инвестиции во комунална инфраструктура во општината, како и во другите градови низ републикава. Во некои општини се уште нема доволно контејнери за комунален отпад, ниту пак за селективно собирање. Наша цел е, се разбира во соработка со локалната самоуправа, таа слика да се смени и на различни локации да има барем по еден контејнер за амбалажен отпад, пред се ПЕТ, хартија и лименки, како и да се обезбедат специјализирани возила кои ќе ги опслужуваат. Амбалажниот отпад учествува со 70% во волуменот на вкупниот отпад кој го фрлаат граѓаните. Тука е важна и улогата на граѓаните, кои треба да дадат свој личен придонес, односно  во одделна кеса да ги собираат пластичните шишиња, лименки и хартија и да ги фрлаат во посебен контејнер, најчесто  жолт или син по боја, се разбира во оние место каде нив ги има. Со тоа сите Ние заеднички придонесуваме да имаме почиста земја, правејќи заштеда на природните ресурси, енергија и почва”, изјави Филип Ивановски, директор на Пакомак.

За градоначалникот на Штип, Илчо Захариев, екологијата и здравата животна средина е приоритет.

“Сакаме Штип да биде “зелен” град и токму поради тоа и во иднина ќе правиме се што е во нашите можности да ја подобриме инфраструктурата и да им го овозможиме селективното фрлање на отпад на граѓаните”, изјави Захариев.

Пакомак е најпосветениот колективен систем за управување со отпад од пакување во земјава, преку чиј систем поминува околу 40.000 тони амбалажен отпад годишно, од кој дел се рециклира, во земјава или во странство, а дел трајно се одложува. Над 630 компании се членови во системот на Пакомак, и тоа пред се тоа се општествено одговорни деловни субјекти, кои покажуваат принципиелност во поглед на зачувувањето на животната средина.

Минатата година над 9.000 тони амбалажен отпад кој не заврши на депонии беше однесен на преработка и рециклирање. Оваа година се планира да се собере и рециклира 15% повеќе од минатата година, а за да се задржи растот, неопходна е поголема поддршка од општините, институциите и пред се од граѓаните, кои во нивните домови со селективно собирање на амбалажниот отпад одделно од останатиот, ќе дадат свој придонес, сметаат од Пакомак.