Практикантска работа и вработување за лицата со попреченост

59

DSCN7167

Kомуналното претпријатие Комуналец во Кичево вработи три лица со попреченост преку Проектот на УСАИД за практикантска работа и вработување на лица со попреченост.

Проектот, како што стои во соопштението, се залага за еднакви права за социјална и економска инклузија на лицата со попреченост и е фокусиран кон зголемување на видливоста за проблемите на лицата со попреченост кај компаниите и пошироката заедница.

“Многу сум задоволен од работната позиција и среќен сум што моите колеги одлично ме прифатија! Ова вработување не претставува само финансиски бенефит за мене, туку и зголемување на бројот на моите пријателства. Работата ми ја зголемува самодовербата и прави да се чувствувам корисен“, изјави Бурим Иљази, еден од новите вработени во Комуналец – Кичево.

“Преку овие вработувања, нашата цел е да докажеме дека сме општествено одговорно претпријатие и да го инспирираме јавниот и бизнис секторот во општина Кичево да ги отворат вратите за лица со попреченост затоа што добиваат лојални и вредни работници кои брзо се вклопуваат во работната средина“, вели Зенел Јонузи, директор на јавното комунално претпријатие Комуналец во Кичево.

Проектот на УСАИД за практикантска работа и вработување на лица со попреченост ја поддржува имплементацијата на Националната стратегија за правата на лицата со попреченост во Македонија. Целта на проектот е зголемување на можностите за вработување на лицата со попреченост и подигнување на јавната свест за нивните способности и предизвиците со кои се соочуваат. За да се постигне оваа цел проектот обезбедува пракси и обуки за како да најдат работа, како да напишат резиме, како да се подготват за успешно интервју и како да започнат сопствен бизнис.

Помошта од проектот е наменета за лица со попреченост од Скопје, Велес, Куманово, Штип, Пробиштип, Свети Николе, Тетово, Гостивар, Струга, Дебар и Кичево. Досега, преку Проектот се обучени 424 лица со попреченост на тема Стратегии за барање работа, 49 лица ја посетија дводневната обука за претприемништво, 63 лица ја посетија дводневната обука за развивање на креативни вештини на лицата со попреченост и 267 претставници од различни компании и институции се обучени за менторско водење на лица со попреченост. Вработени се 163 лица со попреченост и 84 лица со попреченост имаат остварено практикантски ангажман.