Прогласени победниците со најдобри бизнис идеи за 2013

39

debc2a60-e8bd-4dd4-aa07-edea643dc15cПроектот Биди перспективен започни свој бизнис, што го организираше Министерството за економија за првпат, има за цел да го зголеми бројот и квалитетот на иновативните почетни бизниси, основани од студенти и млади претприемачи.

Проектот беше спроведен во две фази, и тоа избор на најдобри Бизнис идеи за студенти и млади потенцијални претприемачи на возраст од 18 до 30 години, за кој аплицираа 106 лица, а беа селектирани најдобрите 30 бизнис идеи и се спроведоа обуки согласно 13 модули дефинирани во акцискиот план на проектот.

За втората фаза од проектот за избор на најдобар Бизнис план се пријавија млади претприемачи со вкупно 29 бизнис планови. Комисијата оценуваше 20 бизнис плана, кои ги исполнуваа сите критериуми и услови дефинирани на јавниот повик. Врз основа на оценката на бизнис плановите и оценката од презентацијата, беа селектирани три, односно четири најдобри бизнис планови кои денес беа наградени.

Министерството за економија додели парични награди – ваучери за најдобрите три бизнис планови и тоа, Прва награда во вредност од 330.000 денари, Втора награда во вредност од 230.000 денари и Трета награда во вредност од 140.000 денари.

Дане Тодоровски освои прво место за неговиот бизнис план МЕО- Мрежа на електронски отпад, второто место и припадна на Аделина Селими за нејзиниот бизнис план Warlander и Блерант Рамадани ја освои третата награда за бизнис планот In Safe Eco Energy. На среќните добитници наградите им ги додели министерот за економија Ваљон Сарачини.

Покрај овие три награди беше доделена награда и на четвртопласираниот бизнис план од страна на група автори на книгата Патот кон сопствен бизнис, кои одлучија средствата од наградата Гоце Делчев да ги доделат на авторот на четвртопласираниот бизнис план MOBIDOONIA.

Преставникот на групата автори на оваа книга Радмил Поленаковиќ додели вредносен ваучер во износ од 100.000 денари на четврто пласираниот бизнис план чиј автор е Даниел Димов.

На доделувањето на вредносните ваучери се обратија ректорот на Државниот универзитет во Тетово Вулнет Амети и проректорот за настава Влатко Стоилков, а Агенцијата за поддршка на претприемништвото, преку директорот Мустафа Мандал, додели ваучери за регистрација на фирма во Централниот регистар на РМ, со кои се покриваат трошоците на трите најдобри бизнис планови.