Путин: Традиционалните економски методи за поддршка се исцрпени

26

Рускиот претседател, Владимир Путин смета дека пандемијата е сериозен глобален предизвик што е закана за зголемено социјално разединување, продлабочување на нееднаквиот економски развој меѓу земјите, раст на сиромаштијата и предупредува на ограничен домет на класичните методи за економска поддршка.

Традиционалните механизми за економски стимулации преку натрупување на заеми ги достигнаа своите граници и водат кон континуирано зголемување на општествената нееднаквост, рекол Путин во своето видео обраќање на Светскиот економски форум, на којшто учествува првпат по 12 години.

“Посткризното закрепнување претставува предизвик. Додека тој проблем лесно можеше да се реши пред 20 или 30 години со поттикнување на макроекономската политика, тие механизми веќе ги достигнаа своите граници, не вршат работа, а нивните ресурси се исцрпени“, рече Путин, пренесува агенцијата Tass.

Шефот на руската држава смета дека растот на социјална нееднаквост е повеќе нагласена во развиените одошто во земјите во развој.

“Конкретно, приходите на повеќе од половина од граѓаните во одредени развиени економии реално стагнираа во последните 30 години, додека трошоците за образование и здравствени услуги се тројно зголемени. Милиони луѓе дури и во богатите земји веќе не гледаат перспектива за зголемување на приходите, а истовремено се соочуваат со проблем како да го зачуваат здравјето, како да обезбедат квалитетно образование“, смета Путин.

На крајот го споменал и проблемот со зголемување на јазот меѓу реалната и виртуелната економија, што смета дека може да доведе до непредвидени последици.

Фото: Freepik