Работата од дома носи помалку стрес

31

Три четвртини од вработените во Унгарија, кои биле дел од истражување на агенцијата Reacty Digital, изјавиле дека би сакале да продолжат да работат од дома барем еден ден во неделата, дури и кога ќе се подобри епидемиолошката ситуација.

Работата од дома, како што се наведува, повеќе им одговара на оние со повисоко образование, а голем број од испитаниците сметаат дека работодавачите заработуваат дозволувајќи им да работат од дома.

Истражувањето покажува дека 37% од 1.000 вработени испитаници добиле понуда да работат од дома на крајот на јануари и дека таа прилика ја искористиле најмногу жители на Будимпешта и оние со диплома.

Една третина од вработените цело време работеле од дома, додека 90% од квалификуваните работници не биле во можност својата работа да ја извршуваат од дома. Поголемиот дел од квалификуваните работници не би работеле од дома ни кога епидемијата ќе заврши. Но, оние кои се наоѓаат на менаџерски позиции би сакале да продолжат да работат од дома три до пет пати во неделата.

Испитаниците се изјасниле дека работата од дома им е помалку стресна, а дури 32% изјавиле дека не почувствувале никаков стрес работејќи од дома.

Фото: Pexels