Русија бележи рекорден суфицит

142

Суфицитот на сметката на тековни плаќања Русија достигна рекордни 70,1 милијарди долари во вториот квартал од оваа година.

Ова се случи бидејќи зголемените приходи од извозот на енергија и други стоки помогнаа да се неутрализира влијанието на американските и европските санкции наметнати поради инвазијата на Москва на Украина, пишува Блумберг.

Според податоците на Централната банка на Русија ова е најголемиот суфицит на руската тековна сметка најмалку од 1994 година. Салдото на тековната сметка е најширока мерка за трговијата со стоки и услуги.

Колапсот на увозот предизвикан од санкциите придонесе за вишокот, што е клучно за економското спасување на земјата во време кога САД и нивните сојузници се обидуваат да ја изолираат. Вкупниот суфицит на тековната сметка за првите шест месеци од 2022 година достигна 138,5 милијарди долари, соопшти централната банка.

Извозот изнесува 153,1 милијарди долари во вториот квартал, што е малку помалку од 166,4 милијарди долари во првиот квартал, покажуваат податоците на Банката на Русија.

Увозот исто така е намален во периодот април-јуни на 72,3 милијарди долари од 88,7 милијарди долари во претходните три месеци.

Растечкиот суфицит на тековната сметка, во комбинација со строгите контроли на капиталот кои ја ограничија побарувачката за девизи, и помогнаа на рубљата да стане валута со најдобри перформанси оваа година меѓу ривалите на пазарите во развој.