Русија повеќе не е достапна за инвеститорите. Кој ќе ја замени?

81

Долги години, најпопуларните светски пазари во развој ја формираа таканаречената групација BRICS – Бразил, Русија, Индија, Кина и Јужна Африка.

Но, имајќи предвид дека Русија повеќе не е пазар на кој западњаците имаат пристап по инвазијата на Украина, инвеститорите веројатно ќе мора да ги диверзифицираат своите инвестиции.

Неколку големи оператори на берзански индекси во САД ги отстранија руските акции од своите производи. Тргувањето со хартии од вредност на неколку водечки руски компании регистрирани во САД, како што се пребарувачот „Јандекс“ и телекомуникациската „МТС“, е прекината.

А Московската берза е затворена од 25 февруари, ден по инвазијата на Украина.

Со голема веројатност Русија нема наскоро да биде вклучена во портфолијата на водечките инвестициски фондови на пазарите во развој. За инвеститорите останува опцијата да ги разгледаат можностите во секоја земја посебно.

Ако треба да се држиме до акронимите, суспензијата на руската берза во суштина го претвори BRICS во BICS. Сепак, дали оваа промена може да остане трајна?

Многу аналитичари го поставуваат ова прашање бидејќи враќањето на Русија на инвестициската мапа нема да биде ниту лесен, ниту краток процес. Посебно во недостатокот на ликвидност кој во моментов се забележува.

Според експертите цитирани од CNN, некои инвеститори може да почнат да бараат други пазари во развој кои ќе ја заменат Русија, како што се Тајван или Јужна Кореја. Така BRICS може да се трансформира во TICKS (Тајван, Индија, Кина, Јужна Кореја и Јужна Африка).

Полска, Турција и Мексико се исто така интригантни за инвестициската заедница, како и Филипините и Индонезија.

Од друга страна, секој пазар во развој во Европа, како што е Полска, е инхерентно ризичен поради неговата географска близина со Русија и Украина. Така, некои земји од Централна и Источна Европа можеби не се толку привлечни за западните инвеститори.

Има и експерти кои велат дека инвеститорите почнуваат повнимателно да гледаат на поединечните компании на пазарите во развој, а не на земјите во кои работат.

Загриженоста на учесниците на пазарот во врска со украинската криза е присутна уште од анексијата на Крим во 2014 година. Дури и тогаш, „пејсажот“ на пазарите во развој се промени и некои инвестициски текови беа пренасочени кон Русија. Сега само се достигнува кулминацијата на овој процес.

Во моментов, едвај некој може да предвиди, макар и со минимална точност, кога акциите на руските компании повторно ќе станат дел од портфолијата на институционални и индивидуални инвеститори. Притоа, Московската берза останува затворена трета недела по ред.

Но, во исто време, јасно е дека пазарот обично не толерира вакуум и недостатокот на овие средства сигурно ќе се пополни со вклучување на други. Тоа значи дека „натпреварот“ на пазарите во развој за интерес на меѓународните инвеститори веќе е во тек.