Русите сакаат турска фабрика за дронови „бајрактар“ на руско тло?

92

Рускиот претседател Владимир Путин и турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган ќе се сретнат во петок на 5 август во црноморското одморалиште Сочи.

Тоа ќе биде нивна втора средба за помалку од еден месец, откако се сретнаа во Техеран во средината на јули.

Од Кремљ велат дека двајцата државници ќе разговараат за политичко-економската ситуација предизвикана од војната во Украина и дека ќе се дефинира договорот за „житниот коридор“ за непречен извоз на украинска пченица.

За потсетување, околу 22 милиони тони жито се блокирани во украинските пристаништа, а Русија веќе двапати го гранатираше пристаништето Одеса по потпишувањето на договорот за деблокирање, пренесува Јутарњи лист.

Турција е незадоволна од ваквото „однесување“ на Москва затоа што е еден од „гарантите“ за спроведување на договорот, учествува во координативниот центар кој ја проверува содржината на бродовите и на нејзините воени бродови им дозволува безбедно преминување до Босфорот.

Меѓутоа, како што јави Си-Ен-Ен Турк, Путин наводно ќе побара од Ердоган не само исклучително ефикасни беспилотни летала „Бајрактар“, туку и за изградба на нивна фабрика во Русија.

Како што пренесе „Украинска правда“, повикувајќи се на турски извори, Ердоган за ова на средбата ги информирал своите сопартијци. Во Техеран, Путин го покани „заедно да изградат бајрактар“.

Москва протестираше до Турците, барајќи од нив да не ги продаваат своите беспилотни летала на Украинците, а ако веќе го прават тоа, да ги извезат и во Русија. Извршниот директор на компанијата, Халук Бајрактар ​​изјави дека е против продажба на дронови на Русија и дека лично ја поддржува Украина.

Халук Бајрактар ​​е брат на Селџук Бајрактар, зетот на Ердоган, кој е вклучен во изградбата на тие беспилотни летала.

Покрај тоа, се претпоставува дека двајцата лидери ќе разговараат и за санкциите против Русија, а се шпекулира дека турските авиокомпании би можеле дури и да преземат некои домашни руски линии, бидејќи сè повеќе руски авиокомпании се принудени да откажуваат некои линии и авиони на земја поради неисправности и неможност за редовен ремонт.

Турција својата шанса ја бара во руските санкции, поради инфлацијата која достигнува повеќе од 50 отсто, додека Путин се обидува да го ублажи се поразорниот ефект на западните санкции поради недостигот на голем број производи што веќе се чувствува.

Освен тоа, недостига и западна технологија за индустријата, а како што пишуваат руските медиуми, многу фабрики го намалиле или целосно го прекинале производството поради недостиг на технологија и суровини, што доведе и до отпуштање на работници.