Се одржа 40. сесија на Клубот на истражувачите формиран од Народната банка

21

Вчера се одржа 40. сесија на Клубот на истражувачите формиран од Народната банка, којшто и во условите наметнати од пандемијата, во виртуелен формат, непрекинато ја остварува својата цел како платформа за презентација на научноистражувачки трудови, особено во доменот на монетарната политика и макроекономијата.

„Ова е еден мал јубилеј, на којшто за жал, поради пандемиските околности, повторно се сретнуваме виртуелно. Но, тоа што нѐ радува е што и во ваков нов модел на живеење и работење наметнат од пандемијата, интересот за истражувачката работа не стивнува, ниту, пак, е помала желбата за согледување на најновите наоди и заклучоци и за заедничка проактивна дискусија, преку Клубот како форма на презентација и дискусија што ја поврзува нашата истражувачката заедница. Впрочем, тоа што во вакви невообичаени околности за носителите на политики е битно е постојано да бидеме „хранети” со аргументирани, аналитички и истражувачки заклучоци, за да може да носиме и навремени и соодветно осмислени мерки.” – истакна вицегувернерката на Народната банка, Ана Митреска, во своето излагање со коешто го отвори виртуелниот настан.

На сесијата беа презентирани два истражувачки труда коишто се исклучително релевантни за носителите на политиките: „Продуктивноста и излезот на фирмите за време на ковид-19: Анализа од повеќе земји”, од Силвија Муци, Филип Јолевски, Кохеи Уеда и Доменико Виганола и „Анализа на онлајн работните места и побарувачката на занимања и вештини во Република Северна Македонија”, од Александар Костадинов.

Првиот труд, којшто го презентира Филип Јолевски, претставува надополнување на литературата за ефектите од пандемијата на ковид-19 врз опстанокот на фирмите во услови на криза, преку панел-истражување со примена на микроподатоци. Материјалот нуди одговор на прашањето дали во услови на тековната криза се потврдува теоријата на Шумпетер за пазарно истиснување на помалку продуктивните фирми. Со анализата се прави обид да се идентификуваат и факторите коишто придонесуваат за поголема приспособливост на фирмите, а со тоа и за поголеми шанси за нивен опстанок, како што се иновациите, дигитализацијата и поволното бизнис-окружување. Со тоа, како што беше истакнато и на сесијата, ова истражување нуди интересни и корисни сознанија за носителите на политиките, на краток рок, особено во овој период кога целта на сите политики е обезбедување поддршка за одржливите компании и избегнување т.н. „зомбификација” на корпоративниот сектор.

Јолевски истакна дека користејќи микроподатоци на ниво на фирми за 31 економија, во анализата е дојдено до заклучок дека кај помалку продуктивните фирми помала е и веројатноста за опстанок за време на кризата. Јолевски ја презентира и тезата за силна и негативна релација меѓу затворањето на фирмите и нивната дигитализација и иновациите, што како што истакна, е особено важно за помали фирми, потврдувајќи ја важноста на приспособувањето кон пазарните промени како фактор за опстанок на фирмите. Анализата покажува дека постои негативен однос помеѓу опстанокот на фирмите и отежнатата бизнис-клима, како и помеѓу затворањето на фирмите и должината на периодот на нивното постоење.

Вториот презентиран труд, „Анализа на онлајн работните места и побарувачката на занимања и вештини во Република Северна Македонија” на Александар Костадинов, се осврнува на примената на новите технологии за аналитички цели, како актуелен, современ тренд во научноистражувачката работа, коишто овозможуваат релативно брзо и лесно прибирање податоци од разни нетрадиционални извори, снимање големи сетови податоци во реално време, нивно систематизирање и обработка. Поконкретно, овие нови технологии и алатки се применети во анализа на пазарот на труд за поблиско согледување на состојбите во делот на побарувачката на занимања, користејќи алтернативни извори на податоци, како што се јавно достапните информации и податоци од интернет-порталите, нудејќи со тоа нови решенија во обезбедувањето навремени информации за овој значаен пазарен сегмент.  

Костадинов посочи и дека во неговото истражување се анализирани побарувачката на занимања од повеќе од 6.000 огласи за работа преку интернет (ОРИ) објавени во еден од популарните портали за работа во земјата, а се собирани во текот на една година, по што се обработени и категоризирани во согласност со класификацијата ISCO-08. Со употреба на алатки за машинско учење за анализа на текст, дополнително се класифицирани вештините и квалификациите што ги бараат работодавачите во собраните ОРИ. Добиените податоци овозможуваат согледувања коишто се сметаат за релевантни во носењето на политиките коишто се однесуваат или имаат влијание врз состојбите на пазарот на трудот.

По презентациите имаше исклучително голем интерес за дискусија од учесниците на сесијата, при што се отворија повеќе релевантни прашања поттикнати од истражувањата на Јолевски и Костадинов.

Следната сесија на Клубот на истражувачите ќе се одржи во декември, а Народната банка ќе објави и нов повик за истражувачи, за презентирање трудови на сесијата.