Што ако имате колеги кои постојано полемизираат на висок тон?

209

Недоразбирањата и расправиите на работа можат да бидат конструктивни, поттикнати од различни ставови и размислувања, но можат да бидат и многу непријатни и да создадат тензија која никому не му одговара.

Ако работите во канцеларија со повеќе колеги, вообичаено е да сте навикнати на поголема врева, но ако ги слушате колегите како полемизираат на висок тон… во тој случај тоа може да ве иритира и да ве дефокусира од работните обврски.

Не се вмешувајте по секоја цена, туку замолете ги колегите да се смират и да продолжат со дискусијата со смирен тон. Понекогаш бесот и нервозата, колегите кои се караат, може да го “истурат“ на вас. Затоа не е најпаметно да се мешате во нивната расправија.

Не заземајте веднаш страна, бидејќи тоа може да ви ја загрози комуникацијата со колегите. Тоа значи дека при расправијата, не избрзувајте со заклучок и веднаш да заземете страна. Едноставно, избројте до 10, почекајте да се смират страстите за да може да го кажете вашиот став, доколку и вие сте дел од проектот или активноста за којашто “гласно“ се полемизира.

Понекогаш расправиите се иницирани од нечии лични фрустрации и не се поврзани со работата на директен начин. Ако добро ги познавате колегите и работата за којашто се расправаат, побарајте да ги изнесат своите факти, за да имаат поткрепена дискусија. Така, ќе им помогнете да се “судрат“ фактите и на полесен начин да се согледа објективноста на ситуацијата.

Користете ги неформалните паузи за ручек или кафе со “завојуваните“ колеги да им дадете до знаење дека нивните расправии воопшто не се пријатни за слушање, но и за целата атмосфера. Така, ќе им покажете дека не сакате да ги слушате како се караат и ќе ги поттикнете да најдат заеднички јазик.

Фото: Pixabay