Што да направите доколку не ви биде испорачан мебелот на време?

93

Дали ви се случило досега да порачате мебел од некој салон или продавница и да чекате многу подолго од она што било претходно договорено.

Во таков случај, како што советуваат од Организацијата за заштита на потрошувачи во својот Магазин за потрошувачи – заштита на интересите на потрошувачите, ако потрошувачот со салонот за мебел склучил договор или во било кој друг писмен документ е наведен рокот на испорака, би имал право да го раскине договорот, односно да му бидат вратени парите или да го пријави трговецот кај Државниот пазарен инспекторат.

На прашањето дали може да се оствари правото на сервис ако сервисерот и продавачот не постојат повеќе како правни субјекти (фирми) и што да се направи ако е нарачан  и платен производот, а не е доставен?

“Во изминатиот период огромен број на потрошувачи беа опфатени со ова прашање, но сепак одговорот не му помогна на ниту еден потрошувач, бидејќи кога едно правно лице ќе влезе во стечај, односно нема повеќе да постои како правен субјект, нема обврска да поправи или замени производ врз основа на гаранција. Исто така, доколку тоа правно лице требало да исполни некоја обврска, како на пример, да достави мебел, но сепак пред да престане да постои не си ги исполнила своите обврски, единствено правно средство на потрошувачот кој не си го добил својот мебел, е да биде запишан во стечајната маса при делба на имотот на правното лице, доколку успее навремено да се запише и доколку сè уште трае стечајната постапка“, одговараат од Организацијата за заштита на потрошувачи, во рамки на својот Магазин за потрошувачи.

Фото: Pixabay