Што е хомологација?

2183

Хомологација претставува постапка со којашто се прави проверка на возилото и неговите битни елементи (мотор, сопирачки, безбедносни појаси и слично), кои на директен или индиректен начин влијаат на околината и безбедноста на патниците.

Согласно законските прописи што важат во земјава, на возилата што ќе бидат увезени во Македонија, пред да бидат пуштени во сообраќај, им се прави проверка на нивната состојба, односно дали ги задоволуваат пропишаните технички и еколошки стандарди.

Секое возило, ново или половно, задолжително мора да помине некоја од овие проверки: единечно одобрување на возило; идентификација на возило и идентификација и оценка на техничка состојба на возило.

Доколку резултатот од прегледот е позитивен, органот за одобрување – Бирото за метрологија во име на Министерството за економија, потврдува дека единечното прегледано возило ги исполнува пропишаните барања и издава документ – единечно одобрение на возило. Врз основа на тоа одобрение, овластени компании издаваат потврда за сообразност (хомологација) со којашто може да се регистрира возилото во земјава.

Историски гледано, хомологацијата започнува во 1958 година со донесување на Договор за прифаќање на исти технички прописи за возила на тркала, опрема и делови што може да бидат вградени или употребени во возилата и услови за взаемно признавање и хомологација доделени врз основа на тие прописи.

Основна задача на хомологацијата е да се спречи увоз на небезбедни и нееколошки возила во земјата. Станува збор за административна постапка, чија цел е да се утврди дали возилото ги задоволува бараните критериуми согласно законите.

Фото: Pixabay