Што е монопол, а што олигопол?

1585

konkurencija-ilustracija-pixabay-sah

Фото: Pixabay

Зборот монопол има грчко потекло и е кованица од зборовите monos, што значи еден, и polein што значи продава. Во економска смисла, монополот дефинира таква состојба во економијата во којашто на страната на понудата има само една компанија, додека побарувачката е хетерогена. Во овој случај, компанијата што е во монополска положба не се соочува со конкуренција на пазарот, туку е единствена во производство на одреден производ или пружање некаква услуга.

Поради тоа што компанијата е единствена на страната на понудата, може да влијае на формирање на цената на производот или услугата, а купувачот нема друга алтернатива и не може да бара повисока или пониска цена.

Најчесто во монополска положба може да се најде компанија што се занимава со специфична дејност или ретки ресурси. Исто така, државна компанија може да биде монопол бидејќи законската рамка дозволува само еден правен субјект да извршува одредена дејност.

Еден од ограничувачките фактори кај монополот е тоа што и влезот и излезот од него е комплициран и тежок. Иако живееме во услови на пазарна конкуренција, сепак постојат монополи коишто се единствени на страната на понудата или на побарувачката.

Теоријата и праксата, освен што препознаваат монопол, присутни се и дуополи и олигополи. Станува збор за пазарна форма во којашто како конкурентни се појавуваат две (дуопол) или неколку (олигопол) компании. На овој пазар, одлуката на една од компаниите има големо влијание на останатите конкуренти, па затоа е неопходно внимателно анализирање и преземање стратешки чекори.

Во високо развиените земји, олигополот претставува синоним за голем бизнис и најчесто го сочинуваат групи на големи и моќни компании. Кај олигополите може да се направи поделба на хомогени или диференцирани производи. Хомогениот или чист олигопол ги опфаќа конкурентните коишто произведуваат ист производ. Таков е случајот, на пример, со производителите на нафта. Тие на пазарот нудат скоро ист производ што задоволува идентични потреби, но за да влезе и друга компанија на истиот пазар ќе се соочи со потребата за големи капитални вложувања. Од другата страна е диференцираниот олигопол, каде што во одреден сектор постојат само неколку продавачи на различни производи. Таков пример може да биде автомобилскиот сектор каде што автомобилите се продаваат по различни обележја, како што се: потрошувачка на гориво, големина, моќност, безбедност, намена…