Скопски пазар успешно преземен од Современ Дом АД Прилеп и ЗСФ КОМ

141

Kомисијата за хартии од вредност (КХВ) на 103-тата седница донесе Решение со кое се утврдува за успешна заедничката понуда за преземање на акции издадени од Скопски пазар, акционерско друштво во приватна сопственост за услуги во прометот и трговија увоз-извоз Скопје, дадена од Современ дом Прилеп, акционерско друштво за производство, трговија и услуги и од ЗСФ-КОМ ДООЕЛ увоз-извоз, друштво за градежништво, проектирање, инженеринг, трговија и услуги Скопје.

Врз основа на понудата, преземачите се стекнаа со вкупно 21.224 обични акции што претставува учество од 29,92% од вкупниот број на обични акции издадени од Скопски пазар АД Скопје, а заедно со акциите што веќе ги поседуваа (заедно вкупно 33.710 обични акции) имаат вкупно 54.934 обични акции што претставува учество од 77,44% од вкупниот број обични акции (70.937 обични акции со право на глас) издадени од Скопски пазар АД Скопје.

Инаку, 21.224–те обични акции со право на глас кои ги стекнаа Современ Дом АД Прилеп и  ЗСФ КОМ ДООЕЛ увоз-извоз Скопје биле во сопственост на девет акционери во Скопски пазар АД Скопје.

Фото: Pexels