Со кругот на адреналинот Крушево стана рај за туристите од цел свет во текот на целата година

78

Сокаци, тесни улички полни со душа, куќи кои се архитектонски ремек-дела и зборуваат многу за историјата на ова место. Вгнезден во коријата на 1.220 метри надморска височина, Крушево и официјално е највисокиот град на Балканот. На 1.700 метри надморска височина се наоѓа манастирската црква „Св. Преображение“, преодна точка за планинските велосипедисти и планинарите. Нема идеално годишно време за да го посетите овој град. Крушевчани велат: „Крушево е идеално само по себе“.

Токму Крушево ја има една од 14-те најуспешни приказни во рамките на Проектот за локална и регионална конкурентност. Целта на потпроектот „Кругот на адреналинот – развој на авантуристичкиот туризам во Крушево“ е развој и промоција на авантуристичкиот туризам во Крушево и промоција на градот како дестинација за домашни и странски туристи со разновидна понуда за посета преку целата година. Тоа ќе обезбеди стабилна основа за раст и развој на локалната економија со искористување на големите природни и материјални потенцијали без ограничување на развојните активности во дестинацијата Крушево.

Од Општината велат дека придобивките од имплементацијата на потпроектот се огромни – Крушево стана целогодишна, безбедна и атрактивна дестинација за туристите од целиот свет.

Проектот ги исполни своите цели и очекуваните резултати. Крушево стана туристичка дестинација која расте, има подобрена содржина, маркетинг, капацитети и безбедност. Како резултат на потпроектот, Крушево се здоби со подобрени алатки за привлекување туристи на меѓународно ниво и задоволување на потребите што ги бараат гостите со висок адреналин – вели Томе Христовски, градоначалникот на Општина Крушево.

Резултатите од имплементацијата на потпроектот се бројни: реконструирана спортска сала со имплементирани содржини за спортско качување, обележани велосипедски и пешачки патеки, отворени продавници за сувенири за да се поттикне локалниот економски развој. Овие активности овозможуваат дестинацијата да создаде поволни услови за одржлив развој на туризмот во Крушево. По имплементацијата на потпроектот, посетителите на Крушево имаат повеќе содржини за своите активности, а подобрена е и инфраструктурата за престој во градот.

Од општината велат дека безбедносниот аспект на туристичката дестинација не е помалку важен. Опремени се постојните спасувачки служби што резултираше со поголема безбедност и зголемување на интересот за организација на параглајдерски настани. Градењето на капацитетите и набавката на потребната опрема го подигна нивото на безбедност за време на престојот на посетителите во Крушево, особено за време на организацијата на професионални настани за параглајдинг и едриличарство.

Денес туристите и посетителите се подобро информирани, а врската меѓу угостителскиот сектор и Oпштина Крушево е зајакната со подобрени маркетинг-активности. Учеството на Mеѓународен саем за туризам, изработка на промотивен материјал и веб-апликација му овозможија на Крушево да ги доближи своите потенцијални до странските посетители. И по кризата со коронавирусот, Крушево има реномирана туристичка понуда со сè поголем број посетители. „Кругот на адреналинот – развој на авантуристичкиот туризам во Крушево“ не е само проект кој ги исполни зацртаните цели, туку и поттикна раст на секторот за сместување, подобрување на маркетинг капацитетите и има подобри резултати на пазарот. Повратните информации од туристичкиот сектор и од граѓаните покажаа дека потпроектот е еден од најкорисните во историјата на современо Крушево. Градот во текот на цела година е ефикасно промовирана дестинација која ги исполнува потребите и барањата на туристите и на организаторите на европските и светските првенства во параглајдерство и едриличарство – велат од Општина Крушево.

Во рамките на потпроектот реконструирана е спортската сала за болдеринг и спортско качување, обележани се велосипедски и пешачки патеки, поставени се информативни знаци и табли. Набавено е возило за транспорт на пилоти на параглајдери, мотор и опрема за спасување, поставени се сувенирници, организирани се настаните „Крушево опен 2019“ и „Во недопрена природа на точак“, организирани се работилници за туристичките потенцијали на Крушево.

Вкупниот буџет за потпроектот чинеше 710.496 евра, од кои Европската Унија и Владата на Република Северна Македонија обезбедија 642.270 евра, а Општина Крушево вложи 68.226 евра.

Проектот за локална и регионална конкурентност (ПЛРК) беше проект финансиран од ЕУ насочен кон подобрување на придонесот на туризмот кон локалниот економски развој.

Сите успешни приказни од ПЛРК можат да се видат тука.