Светот останува без еден од најважните ресурси?

89

Една од светските суровини што се троши најмногу по водата и секојдневните егзистенцијални производи за живот полека ја снемува, предупредуваат научниците и тврдат дека песокот би можел да стане дефицитарен ресурс поради зголемената побарувачка.

“Ние мислиме дека песокот е насекаде. Никогаш не би помислиле дека може да останеме без песок, а тоа веќе почна да се случува на некои места“, смета научникот од Програмата на Обединетите нации за животна средина, Паскал Педучи.

Тој напомена дека станува збор за проекција што би можела да се случи во наредната деценија или околу тој временски период, па ако не се преземат соодветни мерки, ќе се појават огромни проблеми со снабдување со песок, но и со планирање на земјиштето, пренесува CNBC.

“Дали е време за паника? Па, тоа сигурно нема да помогне, но време е за согледување и промена на нашата перцепција за песокот“, вели Педучи.

Според него, потрошувачката на песок може да се мери само индиректно преку добра корелација меѓу употребата на песок и цемент.

Обединетите нации проценуваат дека годишно се произведуваат над четири милијарди тони цемент, најмногу во Кина која, кога е песокот во прашање, учествува со скоро 60% од градежниот бум во светски рамки. Статистиката покажува дека за производство на еден тон цемент, потребни се 10 тони песок. Тоа значи дека за градење, светот годишно троши околу 40 до 50 милијарди тони песок, а таа количина е доволна да се изгради ѕид од 27 метри со којшто секоја година би се обиколила планетата Земја.

Фото: Pexels