Треба ли да ја фрламе храната со поминат рок?

208

kanta so gubre

Тестенини, сол, кафе или ориз – тоа се намирници кои со месеци можат да се чуваат во кујна и да бидат добри за јадење. Сепак, Европејците со тони фрлаат таква храна.

За тоа е виновна формулацијата што потрошувачите можат да ја прочитаат на производите. “Најдобро да се користи до…“, “Употребливо до…“ очигледно ги збунуваат потрошувачите кои во ѓубре фрлаат и храна што може да се користи и на која не и е поминат рокот на употреба.

За да се спречи тоа, германскиот министер за земјоделство, Кристијан Шмит на почетокот на оваа недела во Брисел побара да се избрише спорната формулација од голем број долготрајни производи како што се кафето или солта. Политичарот на Христијанско – социјална унија (CSU) од Баварија бара Европската комисија да ја спроведе таа мерка до крајот на 2015-та година.

“Се расфрламе со храна. Само во Германија во ѓубре се фрлаат 11 милиони тони намирници“, рече Шмит на состанокот на министри за земјоделство на земјите членки на ЕУ, пренесува Deutsche Welle. Во рамки на Унијата годишно во кантите за ѓубре завршуваат дури 89 милиони тони храна.

За Шмит нема сомневање дека една од причините поради која луѓето непотребно фрлаат храна е дека не го разбираат тоа што е напишано на пакувањето на производите. Производителите на тој начин го утврдуваат датумот до кој намирниците, под услов да не се отворат и соодветно да се чуваат, ќе ги задржат своите специфични особини како што се вкус, мирис, боја или изглед.

Кога станува збор за храната, начелно важи правилото дека колку е долг препорачаниот рок, толку е долг и рокот во кој може производот да се користи. На пример, доколку на производот се наведува дека рокот е две недели, таа храна доколку соодветно се чува, без проблем може да се употреби и неколку дена по рокот.