Троската од Макстил ќе се користи за асфалтирање и како градежен материјал

69

Цикруларната економија е еден од начините да ја максимизираме употребата на расположливите и ограничени природни ресурси и да обезбедиме одржлив економски раст и развој.

Црната и белата троска која како отпаден материјал се добива од топењето на железото отсега ќе се применува во градежништвото за изработка на асфалтни мешавини и за бетонски постројки. Со тоа ќе се намали негативното влијание на индустријата врз животната средина и се добива квалитетен градежен материјал.

Ваквото искористување на троската е овозможено преку проектот Cinderela, финансиран од програмата Хоризонт 2020 на Европската Комисија што во земјава го реализираа Градежниот институт Македонија и компанијата Макстил. Станува збор за меѓународен иновативен проект во кој покрај земјава се вклучени институции од уште 12 други европски држави. Во рамки на проектот поставени се три пилот постојки и тоа во Шпанија, Словенија и во земјава, во кругот на компанијата Макстил.

Направените лабораториски анализи покажуваат дека новодобиените материјали се еколошки и можат да се користат како градежен материјал.

Со искористувањето на троската како градежен материјал се поттикнува развојот на циклуларната економија за која, според вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи, има голем потенцијал во земјава, особено во енергетиката и во земјоделството.

“Цикруларната економија е еден од начините да ја максимизираме употребата на расположливите и ограничени природни ресурси и да обезбедиме одржлив економски раст и развој и притоа да го редуцираме емитувањето на јаглероден диоксид. Циркуларната економија има огромен потенцијал во Северна Македонија. Среќен сум што денеска конечно приватниот сектор почна активно да зборува за цикуларната економија, но жалам што како држава можеби доцниме десетина години“, рече Битиќи.

Порача дека мора да се поттикнува циркуларната економија бидејќи она што се гледа како отпад може да стане секундарен ресурс и да добие нова додадена употтреблива вредност.

“Тоа ќе придонесе за поздрава животна средина, помали емисии на стакленички гасови, истовремено намалувајќи ги трошоците на бизнисите и паметна употреба на достапните природни ресурси“, нагласи вицепремиерот Битиќи.

Од Градежниот институт и од Макстил се надеваат дека ваквиот пример ќе стане позитивна пракса во земјава и ќе има континуитет во примената на вакви отпадни материјали.

“Во сите фази на истражувања се покажа дека овој материјал од категорија на индустриски отпад може успешно да биде применет во градежништвото и да добие нова употребна вредност. Од еколошки аспект, направени беа серија испитувања кои покажаа дека црната троска е од категоријата на инертни материјали и нејзината примена во градежништвото не продурира никакви штетни влијанија врз животната средина и може слободно да се користи како градежен материјал“, појасни Златко Илиевски од Градежниот институт.

Според министерот за животна средина Насер Нуредини, искористувањето на отпадот како градежен материјал ја заштитува животната средина, а со овој проект се докажува дека државата има капацитет за развој на циркуларната економија.

“Овој проект е конкретна потврда на она што го промовираме со реформата во секторот отпад – селектирање, реупотреба и рециклирање. Еден од клучните алки во овој ланец е статусот на секундарната суровина“, рече Нуредини.