UN Women: Пандемијата посилно ги погоди работните места на жените

21

Пандемијата посилно ги погоди работните места на жените со што ја покажа нивната поголема ранливост. Процентот на жени кои добиле надоместоци за невработеност се зголеми од 52% на 56% во октомври 2020, како резултат на поголемиот број на загубени работни места од страна на жените, е еден од заклучоците на најновиот извештај на канцеларијата на UN Women во Северна Македонија Буџетски одлуки за време на пандемија: унапредување или попречување на родовата еднаквост?

“Во 2020, процентот на жени учеснички во активните програми на пазарот на трудот се намали на 43,8% во споредба со 52,5% во 2019, додека за мажите се зголеми на 56% споредено со 47,5 % во 2019. Дополнително, процентот на жените кои добиле помош за самовработување (да отпочнат сопствен бизнис) во 2020 (30,9%) се намали во споредба со претходната година (33,3%), а на мажите се зголеми на 69,1 % во споредба со 68% во 2019 година. И покрај тоа што критериумите за добивање на гарантирана минимална помош беа променети за да се обезбеди поширок опфат на корисници, процентот на жени кои ја примија оваа помош остана ист како и во 2019 година (35% од вкупниот број домаќинства), додека вкупниот број на корисници на гарантирана минимална помош се зголеми за 14%, се вели во извештајот.

Во извештајот се посочува дека кризата предизвикана од Ковид-19 ги откри главните слабости во системите за управување и ги зајакна веќе постоечките нееднаквости, погодувајќи ги жените и мажите на различен начин.

Фото: Freepik