Виртуелна работилница на АСО и Македонска берза

86

Македонскиот пазар на хартии од вредност и анализа на вложувањата и средствата со кои управуваат друштвата за осигурување на пазарот на хартии од вредност, беше темата на виртуелната работилница, којашто се одржа на први декември како активност што произлегува од склучениот Меморандум за соработка помеѓу Агенцијата за супервизија на осигурување (АСО) и Македонска берза, а во насока на унапредување и развој на финансискиот пазар.

Воведно обраќање на работилница имаа Претседателот на Советот на експерти на АСО, Крсте Шајноски и  Главниот извршен директор на Македонска берза, Иван Штериев, а присутни беа претставници од друштвата за осигурување, вработените во АСО и Македонска берза.

Презентациите подготвени од страна на Берзата дадоа осврт  на моменталните состојби на Берзата и споредбени показатели во светски рамки. Беа презентирани интернет продуктите на Берзата како извор на информации за домашниот пазар на хартии од вредност и приказ на продуктите и сервисите за дистрибуција на податоците од тргувањето.

Презентацијата подготвена од страна на АСО даде осврт на анализата на вложувањата и средствата со кои што управуваат друштвата за осигурување на пазарите на капитал и компаративната светска пракса во овој поглед. Беше истакната важноста на друштвата за осигурување како институционални инвеститори и многу важни учесници на финансискиот пазар, особено на пазарот на капитал.

На крај на средбата се заклучи дека постои потреба од поголема соработка и координација помеѓу АСО, Берзата, и друштвата за осигурување, во насока на натамошно унапредување и развој на финансискиот пазар, со посебен акцент на осигурителниот пазар и пазарот на хартии од вредност.