Витаминка воведе Халал стандард во своето производство

101

vitaminka prilep

Прехранбената компанија Витаминка доби сертификат за воведување на Халал стандардот. Овој сертификат што го издава Агенцијата за Халал стандард во Македонија во состав на ИВЗ, за компаниите значи овозможено учество на странските пазари што зависат и се вклучени во Халал системот. Со стекнување на овој сертификат за Витаминка се отвора можност за извоз на пазар со 1,8 милијарди жители, или вреден 2,3 билиони долари. Само во Европа халал пазарот изнесува 70 милијарди долари, а во нашиот регион 2 милијарди.

“Воведувањето на Халал стандардот во Витминка е од големо значење за унапредување на нашата компанија, а тоа ни овозможува да бидеме застапени и конкурентни на светските пазари каде претходно не сме биле присутни. Исто така, ова ја зголемува и довербата кај потрошувачите и ја потврдува нашата корпоративна цел, секогаш да се стремиме кон производство на прехранбени производи што ќе бидат според стандардите за свесност и безбедност на храната“, изјави Лидија Каранфилоска, технички директор на Витаминка.

HALAL e арапски термин кој означува “сè што е дозволено“ на муслиманите по Шеријатското (верското) право, но за многумина овој стандард е синоним за здрава храна. Производите што носат ознака дека се правени според Халал стандарди се мошне барани како меѓу потрошувачите со исламска религија, така и кај оние од останатите религии. Воведувањето на Халал стандардот долги години е пракса на најголемите прехранбени производители на светскиот пазар, и со тоа се олеснува патот на компанијата својот извоз да го насочи кон нов и брзорастечки пазар, кој се предвидува дека до 2020 година ќе надмине 6 билиони долари на светско ниво.

halal vitaminka prilep