Во исчекување на можноста од враќање на евтината тарифа, Талески категоричен дека нема основа за нејзино враќање

62

Во исчекување на можноста од враќање на евтината тарифа во текот на денот, дел од познавачите на состојбите излегоа со аргументи за и против. Универзитетскиот професор Рубин Талески е категоричен дека нема основа за  нејзино враќање, а во насока на образложението на ваквиот став наведува неколку факти.

„Ако значителен дел од потрошувачката на било кој потрошувач снабдуван преку Универзалниот снабдувач е во дневните часови, воведувањето на ниска тарифа ќе значи некаква придобивка за тие потрошувачи, но треба да биде јасно дека на тој начин се оптоварува ЕСМ (индиректно буџетот на Македонија).Ако се воведе ниска тарифа, ЕСМ ќе треба да набавува електрична енергија од увоз (по релативно висока цена), а вишокот што неминовно ќе се јави во ноќните часови треба да го продава по значително пониска цена,“ објаснува Талевски.

Во однос на цената на електричната енергија за домаќинствата и малите потрошувачи, не очекува нејзино намалување. Напротив вели тој, цената треба и да се зголеми, бидејќи досегашните субвенции од буџетот за справување со кризата треба да се платат на еден или друг начин.

Најавите за можно враќање на евтината тарифа отворија многу дилеми и очекувања во јавноста. Дали сметате дека има основа за повторно воведување на евтината тарифа во текот на денот (14 до 16 часот)?

-Нема никаква основа за воведување (враќање) на ниската тарифа во овој период. Малку историја и зошто воопшто имаме ниска (НТ) и висока (евтина и скапа) тарифа (ВТ)?

Во 1970 години во СФРЈ (а во Македонија и во 1980 години) се изградија многу термоелектроцентрали (ТЕ) што според тогашната технологија, не можеа (и сеуште не можат) да го прилагодат своето дневно производство на промените во потрошувачката, т.е. да се исклучуваат во текот на ноќта, и поради тоа беа воведени овие тарифи со цел да се стимулира префрлањето на потрошувачката во ноќните часови. Практично, во многу малку држави во Европа овој концепт бил применуван.

Структурата на производните единици во Македонија не е драстично сменета од минатото и покрај тоа што во последниве две до три години значително се зголеми учеството на соларните електроцентрали (произведуваат само во текот на денот). Во Македонија пазарот на електрична енергија е формално либерализиран иако тој се состои од два (сосема) различни сегменти: слободен (или отворен) пазар на кој се поголемите потрошувачи и пазар на мали потрошувачи (вклучително домаќинства,  многу често погрешно нарекуван „регулиран пазар“), снабдуван од Универзалниот снабдувач.

Ниска и висока тарифа има само во вториот пазар! Со оглед на тоа што вториот пазар (во најголема мерка) го обезбедува ЕЛЕМ (ЕСМ по ново), а ЕЛЕМ во своето производно портфолио има повеќе термоелектроцентрали, воведувањето на ниска тарифа во текот на денот само ќе ја влоши и онака лошата ситуација во која се наоѓа нашиот електроенергетски систем, поточно ЕСМ.

Дали оваа тарифа реално ќе ги намали сметките за потрошена електрична енергија?

-Ако се воведе ниска тарифа во текот на денот, ЕСМ ќе треба да набавува електрична енергија од увоз (по релативно висока цена), а вишокот што неминовно ќе се јави во ноќните часови треба да го продава по значително пониска цена. Само пред неколку недели во јавноста имаше шпекулации дека ЕСМ продавал „струја“ по многу ниска цена (околу 100 EUR/MWh во ноќните часови), а цената на HUPX била околу 170 EUR/MWh. За жал во тие шпекулации не беше кажано дека во текот на јануари оваа година (во часовите кога ЕСМ продавал „вишоци’) просечната цена во тнр. „off-peak“ часови (од 21 до 09 часот) беше околу 120 EUR/MWh или пониска!

Од друга страна, потрошувачите на слободниот (отворениот) пазар имаат договори со своите снабдувачи во кои цената е поврзана (индексирана) со цената на HUPX (часовна, дневна или месечна) и за нив нема ниска или висока тарифа!

Целото интервју на Локално.мк