Во јануари и февруари извезени стоки во вредност од 1,216 милијарди евра

82

Во првите два месеца од годинава од земјава вкупно се извезени стоки во вредност од 75,047 милијарди денари или 1,216 милијарди евра што е зголемувањеза 13,5 отсто во споредба со истиот период од минатата година.

Во истиот период во земјава се увезени стоки во вредност од 110,32 милијарди денари или 1,788 милијарди евра, односно за 30,6 отсто повеќе отколку за првите два месеца од 2021 година.

Трговскиот дефицит, во првите два месеца од 2022 година изнесува 35,273 милијарди денари или 571,76 милиони евра, а покриеноста на увозот со извоз е 68 отсто.

Според податоците на Државниот завод за статистика, најголемо учеството во извозот имаат катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, фероникелот и деловите на седишта од подгрупата 821.1. Во увозот, пак, најмногу се застапени електричната енергија, другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови) и платината и легурите на платина, необработени или во прав.

Во првите два месеца од годинава земјава најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Бугарија и Србија.