Во јуни издадени 17% повеќе дозволи за градби од лани

28

Во јуни годинава се издадени 320 одобренија за градење, што е за 17,2 проценти повеќе во однос на јуни лани, објави денеска Државниот завод за статистика.

Најголем број од одобренијата се во Скопскиот регион, 106, по што следат Југозападниот со 61, Полошкиот со 44, Вардарскиот и Источниот со по 30.

Според издадените одобренија за градење, предвидената вредност на објектите изнесува 4.568.461.000 денари, што е за 64,6 проценти помалку во однос на јуни минатата година.

Од ДЗС појаснуваат дека намалената предвидена вредност се должи на фактот дека во истиот месец од претходната година биле издадени одобренија за градење на објекти од нискоградба со поголеми вредности, како магистралниот транспортен гасовод во Пелагонискиот Регион, делница 5 од магистралниот гасовод во Полошкиот Регион, биогасната и ветерната електрана во Вардарскиот Регион, далноводот од Битола до македонско-албанската граница во Југозападниот и Пелагонискиот Регион.

Од вкупниот број издадени одобренија за градење, 191 (59,7 проценти) се за објекти од високоградба, 43 (13,4 проценти) од нискоградба, а 86 (26,9 проценти) за објекти за реконструкција.

Од вкупно 320-те објекти, кај 164 (51,2 проценти) како инвеститори се јавуваат физички лица, а кај 156 (48,8 проценти) деловни субјекти.

Во извештајниот период е предвидена изградба на 639 станови, со вкупна корисна површина од 61.828 метри квадратни. Најголем број се предвидени во Скопскиот, 180, од кои најмногу се во Општина Сарај (141).

Фото: Pixabay