Западен Балкан го губи потенцијалот за економски раст поради емиграцијата

107

Земјите од Западен Балкан и Хрватска поради емиграцијата губат долгорочен потенцијал за економски раст, а заминувањето на работоспособните луѓе од овој регион не е добро ниту за ЕУ, се вели во студијата објавена на веб-страницата на Институт за демографија на Австриската академија на науките.

Официјалните податоци покажуваат дека меѓу 2014 и 2019 година, Босна и Херцеговина и Србија изгубиле 181.034 свои граѓани кои добиле дозволи за престој од ЕУ, додека податоците за Хрватска тешко се потврдуваат бидејќи земјата е веќе членка на ЕУ и на нејзините граѓани не им требаат дозволи за престој во членките на Унијата.

Земјите од регионот губат многу поради иселувањето, со оглед на тоа што првенствено заминуваат лица од возрасната група од 25-34 години. Како што се наведува, оваа категорија на население претставува најголем потрошувач во економијата, па нивното заминување директно влијае на бруто домашниот производ.

Дополнително, општествата губат со инвестирање во образованието на луѓето кои заминуваат, а емиграцијата на таа категорија на население го ограничува економскиот потенцијал за долгорочен раст.

Според проценките на ОН од 2020 година, Хрватска и Западен Балкан изгубиле толку многу жители што областа станала една од демографски најзагрозените во светот.

Во текот на изминатите 30 години, речиси осум милиони луѓе, или околу 17 отсто од населението од раните 1990-ти, наводно емигрирале од Југоисточна Европа.

Хрватска и Западен Балкан се особено погодени од емиграцијата во Југоисточна Европа, а проблемот е повеќе што се работи за иселувањето на младите.

„И покрај тоа, таа тема е најмногу заборавена во науката и маргинализирана во националните и политиките на ЕУ“, се истакнува во студијата.

Во него се наведува и дека проблемите што довеле до масовно иселување на младите од Хрватска и од Западен Балкан не се поврзани само со војната и политичката и економската нестабилност во последните три децении, туку се последица на „структурната природа и запоставувањето“.

Во меѓувреме, ЕУ се соочува и со тешка демографска ситуација поради падот на наталитетот, стареењето на работоспособното население и еднонасочната миграција од периферијата кон срцето на ЕУ. Покрај тоа, илегалната миграција е голем предизвик за ЕУ.

„Демографските промени ќе ги погодат сите. Во исто време, овие промени го намалуваат геополитичкото значење на ЕУ“, се наведува во текстот „Социо-економски последици од иселувањето на населението од Хрватска, БиХ и Србија – моментална состојба и перспективи“.

Се предвидува дека работоспособното население во Европа ќе се намали за 18% меѓу 2021 и 2070 година, а до 2100 година, луѓето на возраст од 65 и повеќе години ќе сочинуваат 31% од населението на 27-те земји-членки на ЕУ, во споредба со 20% во 2019 година.

Исто така, се оценува дека демографската структура не може да се подобри само со мерки за стимулирање на наталитетот, но клучно е да се задржи населението во регионите со голем пад на населението и да се заживее периферијата на ЕУ.

Проблемот со емиграцијата е што населените места се главната гаранција за безбедноста на надворешните граници, па затоа ЕУ не треба да биде заинтересирана за депопулација на периферијата. Имено, постои причинско-последична врска помеѓу зголемената емиграција од периферијата на ЕУ и зголемената илегална миграција.

Авторите на студијата, Тадо Јуриќ од Хрватскиот католички универзитет и Фарук Хаџиќ од Сараевската школа за наука и технологија, истакнаа дека депопулацијата на периферијата на ЕУ не е проблем само во Југоисточна Европа.

„Ако ЕУ сака да има силна надворешна граница во Хрватска, треба да посвети многу повеќе внимание на депопулацијата на нејзината периферија и миграцијата од периферијата кон центарот на ЕУ. Празнењето на пограничните области на ЕУ претставува безбедносен ризик за целата Унија“, велат авторите.

Тие се осврнаа и на празнењето на училиштата и другите образовни институции во трите земји опфатени со анализата, што резултираше со намалување на работната сила, а потоа и стагнација на економскиот раст.

Анализата на реалниот и потенцијалниот БДП на БиХ, Хрватска и Србија покажа дека сите три земји имаат понизок раст од потенцијалот од 2013 година, што делумно може да се објасни со намалувањето на работната сила како фактор на производство.

Студијата наведува дека еден од одговорите на демографските предизвици и намалувањето на миграцијата од периферијата на ЕУ би можела да биде работа на далечина.