Зголемени и извозот и увозот – Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Бугарија

71

Според претходните податоци на Државниот завод за статистика, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари – август 2022 година, изнесува 332 668 482 илјади денари и бележи пораст од 18.4 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увезената стока, во периодот јануари – август 2022 година, изнесува 486 633 299 илјади денари, што е за 26.3 % повеќе во споредба со истиот период од претходната година.

Трговскиот дефицит, во периодот јануари – август 2022 година, изнесува 153 964 817 илјади денари.

Покриеноста на увозот со извоз, во периодот јануари – август 2022 година, изнесува 68.4 %.

Трговската размена по производи покажува дека во извозот најголемо е учеството на катализаторите на носачи со благородни метали или нивни соединенија, сетовите на проводници за палење и слично, за возила, авиони или бродови, фероникелот и деловите на седишта од подгрупата 821.1. Во увозот најмногу се застапени нафтените масла и маслата добиени од битуменозни минерали (освен сурови), другите метали од платинската група и нивни легури, необработени или во облик на прав, електричната енергија и благородните метали во колоидна состојба; соединенијата, органски или неоргански, од благородни метали, хемиски дефинирани или недефинирани; амалгамите од благородни метали.

Во периодот јануари – август 2022 година, според вкупниот обем на надворешнотрговската размена, Република Северна Македонија најмногу тргувала со Германија, Велика Британија, Грција, Србија и Бугарија.

 Стоковна размена изразена во евра и САД долари

Изразено во евра, вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари – август 2022 година, изнесува 5 396 652 илјади евра и бележи пораст од 18.3 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 7 894 510 илјади евра, што е за 26.2 % повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит, во периодот јануари – август 2022 година, изнесува 2 497 858 илјади евра.

Вкупната вредност на извозот на стоки од Република Северна Македонија, во периодот јануари – август 2022 година, изнесува 5 796 404 илјади САД долари и бележи пораст од 6.0 % во однос на истиот период од претходната година. Вредноста на увeзената стока, во истиот период, изнесува 8 480 605 илјади САД долари, што е за 13.2 % повеќе во споредба со истиот период од претходната година. Трговскиот дефицит, во периодот јануари – август 2022 година, изнесува 2 684 200 илјади САД долари.