Изложба и промоција на нов број на Лице в лице – Бегалци во сопствената земја

59

cover_vane-kosturanov

Предизвиците со кои се соочуваат повратниците во земјава, при процесот на нивната интеграција, добија и свој лик, и тоа преку делата на 10 македонски уметници/дизајнери, кои искреираа визуелни решенија што ја третираат нивната положба, а кои за прв пат ќе бидат претставени утревечер (28 јули) на изложбата Бегалци во сопствената земја, во рамки на Фестивалот за процесирање култура, ДримОN. Поставката ќе следи по официјалната промоција на новиот број на Лице в лице, посветен на истата тема, на Летната сцена во Центарот за култура, Браќа Миладиновци, од 19.30 часот.

За уметниците Ване Костуранов, Ружица Мандичевска (Руки Чуки), Емилија Мишева Ставрова (Ем Елефантски), Даниел Јанев, Сабрина Железник и Леа Линин (Ококори), Иван Петрушевски (Флим), Георги Равански, Катерина Соколова, Горан Ристовски и Зоран Инадески, предизвикот да создадат дело на тема – повратници, беше и тригер момент да размислат многу повеќе за патешествијата со кои секојдневно се соочува оваа ранлива група сограѓани. Тие се обидоа нивната приказна да ја раскажат на еден илустративен, но, и на посебен, емотивен начин, стои во соопштението.

“За многумина губењето на домот е исто како да си изгубил сè. Повратниците, за жал, повеќе пати се имаат соочено со ова лошо чувство, еднаш кога го напуштиле сопствениот дом и уште еднаш кога го напуштиле новиот дом. Се надевам ќе дојде ден кога никој нема да мора да го искусува тоа”, вели уметникот Ване Костуранов, чие дело е и на насловната страница на новото издание на уличното списание.

Ова издание на Лице в лице и самата изложба, кои се подготвени во соработка со Германското друштво за интернационална соработка (ГИЗ), отвораат прашања врзани за повратниците – каква е нивната реинтеграција во општеството? Колку системот нуди социјални сервиси што би требало да им бидат прва поддршка, колку решенијата се прилагодени на нивните потреби…

Според наоди на организации кои работат на оваа проблематика, невработеноста и неповолните економски услови се клучен фактор за миграција, особено на овој тип економски мигранти. Дел од повратниците имаат проблеми со домувањето, бидејќи пред да заминат го продале својот имот, или, пак, им бил ограбен домот. Други, пак, немаат документација, избришани се од евиденцијата за вработување, за социјални и за здравствени услуги. Во областа на образованието, децата или немаат свидетелства или семејствата немаат финансиски средства за нивна нострификација. Тие што се родени надвор и подолго време престојуваат во странство, кога ќе се вратат не го знаат македонскиот јазик и тешко можат да се вклопат во образовниот систем во Македонија.

“Преку изложбата и преку содржините на Лице в лице,  ќе се подигне свеста кај општата популација и релевантните засегнати страни за оваа тема, на еден иновативен начин. Списанието Лице в Лице е единственото улично списание во Македонија кое се заснова на принципот на социјално претприемништво и има за цел да обезбеди економско и социјално зајакнување на ранливите граѓани. Згора на тоа, списанието го продаваат членови на најранливите групи.  Затоа го сметаме за вреден партнер”, вели Бригите Колер, раководител на Регионалниот проект на ГИЗ за социјалните права на ранливите групи (SoRi).

Од Лице в лице пак, велат дека како Платформа, која се бори за социјалните, односно за  човековите права, одлучиле посериозно да го третираат прашањето за повратниците кои што се маргинализирани на повеќе основи.

“Во потрага по подобар живот, многубројни семејства ги напуштаат своите домови. Но, што кога тие, сеедно од која причина, се принудени да се вратат во матичната земја? Низ подготвките на овој број, сфативме дека проблемот е многу комплексен. Згора на тоа, раѓа и нови бездомници – и јавни и потенцијални, старо-нови маргинализирани лица со потежок багаж на грбот”, објаснува Климентина Илијевски, главна  и одговорна уредничка на Лице в лице .

На промоцијата и на отворањето на изложбата, присутните ќе имаат можност да учествуваат и во перформансот на кореографката Сабрина Железник, кој ќе биде изведен со помош на волонтер(к)ите на Дримон, а ќе имаат и привилегија, со купен број на Лице в лице, да добијат и книга, издание на Арс Ламина, по цена од 100 денари.

Уличното списание Лице в лице функционира како социјално претпријатие, ангажирајќи продавачи од најранливите категории на општеството, директно влијаејќи на нивното социјално и економско зајакнување. Половина од продажната цена оди директно за продавачот, а другата половина е наменета за градење на систем за подобрување на положбата на ранливите сограѓани, кои минуваат низ едукативна програма (адаптирана на нивните потреби). Лице в лице излегува од 2012 година и во моментов се продава во шест градови низ земјава: Скопје, Неготино, Битола, Охрид, Струга и Куманово и ангажира 40-тина продавачи, припадници на ранливите општествени слоеви.