Македонија, преку Инструментот за предпристапна помош ИПА 2, до 2020 година од Европската унија ќе добие 664,2 милиони евра, јавува Миа.
ЕУ, како што објави еврокомесарот за проширување на Унијата Штефан Филе, ќе ги поддржува реформите на Западен Балкан и во Турција со 11 милијарди евра преку оваа програма наменета за земјите кандидати и потенцијални кандидати.
Според проекциите на Европската комисија, за Македонија оваа година се достапни 85,7 милиони евра од ИПА-2. За идната година, нашата земја има на располагање 88,9 милиони, за 2016 – 91,6 милиони, 2017 – 94,9 милиони евра и во периодот од 2018 до 2020 година – 303,1 милиони евра. Според Директоратот за поширување на ЕК, Македонија лани добила 113,2 милиони евра од последната година на ИПА-програмата.
“Оваа обновена помош е многу добра вест за регионот за проширување. Тоа ќе помогне во поддршката на овие земји со европска перспектива да ги имплементираат реформите што ќе имаат директно влијание на граѓаните и ќе им помогнат да напредуваат на патот кон Европската унија и да изградат мостови со своите соседи“, истакна комесарот Филе.
Оваа финансиска помош ги таргетира стратешките приоритети за земјите што сакаат да се приклучат на Унијата, како и на засилување на регионалната и територијална соработка и инвестиции. Клучните области вклучуваат владеење и реформи на јавната админситрација, владеење на правото и основните права, како и поддршка на економскиот раст и конкурентноста.
Финансиската помош во овие области ќе биде ориентирана кон поддршка на реформите од државниот сектор што имаат за цел специфични резултати. Со цел да се обезбеди континуитет со претходниот Инструмент за предпристапна помош (ИПА), новиот инструмент ИПА-2 ќе функционира под поедноставени правила за да го олесни пристапот до финансирањето на корисниците и да овозможи да биде повеќе ориентиран кон исполнување на резултати, флексибилен и прилагоден кон специфичните потреби.
Според ЕК, се работи за добро дефиниран сет на индикатори и цели што ќе овозможи точно следење и евалуација на програмите. Оваа програма предвидува награда на ефикасноста од извршувањето на програмата во 2017 и 2020 година.
Од другите земји-кандидати и потенцијални кандидати за членство во ЕУ, предвидено е Албанија да добие вкупно 649,5 милиони евра до 2020 година, Косово – 645,5 милиони евра, Црна Гора – 270,5 милиони евра, Србија – 1,5 милијарди евра и Турција – 4,45 милијарди евра. За сите овие земји, вклучително и Македонија, предвидени се и уште 2,95 милијарди евра за нивни активности во области како информации и комуникации, ревизија и мониторирање и евалуација. Во овие средства влегуваат и трошоците за Високиот претставник на ЕУ во Босна и Херцеговина, како и се уште неалоцираните средства на Унијата за оваа поранешна југословенска република, што ќе биде сторено до крајот на годинава.