Акциите на Apple тонат поради Huawei

13

Apple објави дека генерирал 119,6 милијарди долари во продажба и 33,92 милијарди долари профит во првиот квартал од својата фискална година, надминувајќи ги очекувањата на аналитичарите, но цената на нејзината акција сепак паднала бидејќи инвеститорите биле разочарани од приходите од продажба на кинескиот пазар на паметни телефони, глобално најконкурентниот пазар, каде што се соочува со конкуренција од Huawei.

Продажбата на Apple се зголеми во последниот квартал од минатата година за 2 отсто во однос на истиот период претходната година, со што компанијата го запре падот на продажбата по четири квартали, благодарение на продажбата на iPhone 15. Истовремено, профитот се зголеми за 13 отсто.

Приходите од продажбата на iPhone во тој период достигнаа 69,7 милијарди долари или 6 отсто повеќе во однос на истиот период претходната година, а тоа е повеќе од очекувањата на аналитичарите кои предвидуваа продажба од 67,82 милијарди долари. Но, на кинескиот пазар, продажбата на тој најпрепознатлив производ на Apple достигна 20,82 милијарди долари, што е речиси три милијарди под очекувањата на аналитичарите.

Мајкрософт го засени Apple
„Задоволни сме од растот на приходите на iPhone од 6 отсто. Особено силниот, двоцифрен раст на продажбата беше на пазарите во развој, без Кина, а на тие пазари iPhone добро се справува. Кина е најконкурентниот пазар на паметни телефони во светот, и тоа не се промени“, изјави извршниот директор на Apple Тим Кук во интервју за Ројтерс.

Цената на акцијата на Apple падна за 1,2 отсто по објавувањето на деловните резултати. Во јануари Мајкрософт го засени Apple како највредна компанија во светот, додека инвеститорите сметаат дека Apple заостанува во трката со употребата на вештачка интелигенција во споредба со другите технолошки гиганти од Волстрит.

Акциите на Apple се намалени за повеќе од 3 отсто од почетокот на 2024 година, во споредба со растот на S&P 500 од 2 отсто. Counterpoint Research објави дека испораките на iPhone во Кина паднале во текот на кварталот, бидејќи кинеските потрошувачи барале нови телефони и мобилни телефони на склопување од Huawei, кој повторно го освои пазарот со водечки телефон напојуван од домашен чип.

Apple исто така објави дека има 2,2 милијарди активни уреди ширум светот, што е за 200 милиони повеќе отколку на крајот на 2022 година.