Apple повеќе би сакал да плаќа казни од 5 милиони евра неделно, отколку да ги почитува правилата на ЕУ

212

Политиката за наплата во апликациите на Apple, која ја ограничува наплатата само на нивниот систем на App Store, предизвика еден од најголемите скандали – кога Fortnite на Epic беше исфрлен од продавницата за апликации на Apple поради спротивставување на постојаните провизии од 30%.

Но, Epic не е единствениот кој се спротивстави на оваа практика. Меѓу бунтовниците е и Coalition for App Fairness (CAF), коалиција од повеќе од 60 издавачи кои го тужеа Apple поради наметнување задолжителни провизии за сите плаќања поврзани со апликациите.

Нивната тужба стигна до холандскиот регулатор, кој е одговорен за одржување на фер конкуренција на пазарот, а овој му нареди на Apple да направи промени во системот за наплата, така што, за дополнителни купувања во рамките на апликацијата, може да се користат и други системи покрај нивните. Но, Apple не ги спроведе овие промени, иако тоа го најави. Бидејќи рокот за постапување по холандските инструкции истече на 15 јануари, истиот регулатор почна да изрекува казни од 5 милиони евра за најбогатата компанија во светот – секоја недела.

Неделава веќе ја добија петтата ваква казна, а тие и понатаму си тераат по свое. Нема значајни промени во App Store, а се вели само дека купувањата во апликации кои не би поминале преку нив, би се обработувале со провизија од „само“ 27%, наместо досегашните 30%. Претставниците на коалицијата CAF велат дека им е сосема јасно зошто ова му се исплати на Apple. Секоја година во која можат да наплатат провизија за ваквите набавки им носи, имено, околу 22 милијарди евра нето заработка. 5 милиони неделно, за споредба, изгледаат како ситница.

Оваа недела, европскиот комесар за дигитални прашања Маргрете Вестагер, исто така, го коментираше овој развој. Таа посочи дека е исклучително важно Комисијата и нејзиниот план за Законот за дигитални пазари да располагаат со алатки и ресурси за да се осигури дека компаниите се однесуваат во согласност со законите и прописите. Apple го истакна како пример.

„Колку што разбравме, Apple во суштина претпочита да плаќа периодични пенали, наместо да постапува во согласност со одлуките на холандскиот регулатор. Ова исто така ќе биде една од обврските вклучени во Законот за дигитални пазари “, објави Вестагер.

Актот за дигитални пазари (DMA), потсетуваме, е предлог за збир на тесно дефинирани објективни критериуми кои ќе го регулираат однесувањето на големите интернет платформи. Тие ќе бидат класифицирани како „контролори на пристап“ и како такви нема да им биде дозволено да ги ставаат своите конкуренти во неповолна положба, меѓу другите предложени правила.