Банките имаат капацитет за апсорбирање на потенцијални шокови

39

Во банкарскиот систем, како клучен сегмент од финансискиот сектор, се подобрија показателите за изложеноста на ризици, а стрес-тестовите упатуваат на добар капацитет за апсорбирање на потенцијалните шокови. Поволните движења на кредитниот и депозитниот пазар продолжија и се засилија во услови на претпазливо управување со ризиците и подобрување на профилот на ризик на банките. Исто така, банкарскиот сектор во еврозоната, каде што се лоцирани поголемиот број од странските матични субјекти на нашите  банки, е стабилен, соодветно капитализиран и отпорен на шокови.

Ова, меѓу другото, беше истакнато на редовната, седма седница на Комитетот за финансиската стабилност на Народната банка.

Во текот на седницата на Комитетот посебен акцент беше ставен на активностите на останатите финансиски институции, при што беше заклучено дека тие имаат прилично мал обем на активности и не претставуваат извор на поголеми потенцијални ризици за севкупната финансиска стабилност во земјата. Поединечното учество на секој од овие институционални сегменти не е повисоко од 1% од вкупната актива на финансискиот систем, а нивното заедничко учество во вкупните средства на финансискиот систем изнесува само 2,2%. Сепак беше укажано на високиот, двоцифрен раст на активностите на финансиските друштва, друштвата за лизинг, инвестициските фондови и брокерските друштва во 2018 година. Во овој контекст, на седницата на Комитетот, беше нагласено дека е неопходно повнимателно да се следат нивните активности, особено брзиот раст на активностите на финансиските друштва.

Во 2018 година, супервизијата и регулативата на финансискиот и особено на банкарскиот систем беа предмет на детална контрола, спроведена од ММФ и Светската банка, во рамките на т.н. мисија ФСАП, којашто позитивно ги оцени домашните супервизорски и регулаторни стандарди во однос на меѓународно прифатливите стандарди во овој домен. Оваа мисија изнесе и неколку корисни препораки за начинот на унапредување на макропрудентната рамка во земјата и за следење на системските ризици. Се разгледаа и препораките дадени за унапредување на активностите за заштитата на потрошувачите, како и препораките за воспоставување на рамката за решавање на банките, којашто ќе овозможи унапредување на постојната рамка и ќе биде во целост во согласност со соодветните европски директиви. На седницата на Комитетот беа разгледани овие наоди и препораки на мисијата ФСАП, а воедно се разговараше и за чекорите и динамиката за нивното спроведување.

Комитетот го сочинуваат гувернерката на Народната банка, Ангеловска-Бежоска, и заменик-министерката за финансии, Елези, како и десет високи претставници од двете институции. На седницата на Комитетот се разгледаа прашања коишто се од значење за финансиската стабилност на земјата.

Врз основа на последниот Извештај за финансиската стабилност во Република Северна Македонија во 2018 година, којшто беше усвоен од страна на Советот на НБРСМ на 25 јули 2019 година, се заклучи дека финансиската стабилност се задржа во 2018 година, при истовремено продлабочување на нивото на финансиско посредување. Финансиските институции функционираа во релативно поволен домашен амбиент, а ризиците од меѓународното окружување имаа ограничено влијание.

Беа разгледани основните движења на сегментите од финансискиот систем во 2018 година, при што посебен акцент беше ставен на ризиците на кои се изложени финансиските институции при своето работење, но и при меѓусебните односи и активности. Притоа, се заклучи дека меѓусекторската поврзаност на одделните институционални сегменти на финансискиот систем и можноста за прелевање на ризиците од еден во друг сегмент се на ниско ниво.