Барел нафта ќе се продава и до 200 долари до крајот на 2022 година !?

242

Дури и откако го достигнаа највисокото ниво во изминатите денови, цените на нафтата имаат простор да растат во зима – или барем така велат пазарните фундаменти, велат аналитичари, цитирани од OilPrice.com.

Резервите паѓаат под просечното ниво во последните пет години пред пандемијата, а побарувачката расте поради послабата понуда од производителите. Недостигот на електрична енергија во Европа и Азија и рекордно високите цени на природниот гас ги надополнуваат аргументите на пазарните експерти, откако преминот од гас кон нафтени продукти, како што се мазутот и дизелот, веќе започна, особено во Азија.

Структурата на нафтените фјучерси за следната година упатува на можност за повисоки цени.

Од страна на побарувачката, заздравувањето на економиите и мобилноста ја зголемија побарувачката во последните месеци, што доведе до намалување на резервите на потпросечно ниво.

И во Соединетите Американски Држави и во другите развиени економии во ОЕЦД, залихите паднаа под просечните нивоа во последните пет години пред кризата. Во најголемата економија тие се 427 милиони барели, околу шест отсто под просекот. Достапниот бензин е намален за два отсто, а пропан/пропиленот за 21 отсто.

Во ОЕЦД, залихите се 162 милиони барели под просекот во последните пет години, според Меѓународната агенција за енергија. Прелиминарните податоци покажуваат уште 23 милиони пад на залихите во САД, Европа и Јапонија во септември.

Во исто време, енергетската криза во Европа и Азија може да додаде уште 500.000 барели дневно на побарувачката, во споредба со „нормалниот пазар“, наведува агенцијата.

И додека побарувачката расте, производителите забавуваат да ја зголемат понудата. Прво, ураганот „Аида“ го ограничи снабдувањето од САД кон крајот на август и септември. Таа нема да се врати на претходните нивоа до почетокот на следната година.

Картелот ОПЕК + продолжува да го одржува производството пониско и ќе додава само 400.000 барели секој месец – и покрај повиците од САД и многу други земји да го зголемат производството за нормализирање на цените. Самите челници на организацијата тврдат дека следната година се очекува прекумерна понуда и затоа нема да ја зголемат сега.

Минатата недела, саудискиот министер за енергија принцот Абдулазиз бин Салман практично ја отфрли можноста за зголемување на залихите.

Згора на тоа, податоците покажуваат дека ОПЕК + всушност произведува под целите, а според „Блумберг“, доколку ги исполни, понудата би била за 747 илјади барели повисока. Дали нивната прогноза е точна, останува да се види, но до крајот на 2021 година пазарот останува во недостиг.

На пазарите, некои трговци се обложуваат за 100 долари за барел до крајот на годината и дури 200 долари до крајот на 2022 година. Бројот на облози на трицифрени цени значително порасна во последните денови.

Се чини дека картелот не е загрижен за ударот на побарувачката за високи цени, барем засега. Но, цените над 100 долари, па дури и над 85 долари, имаат лоши последици за производителите, а не само за потрошувачите.

Набљудувачите се категорични дека опасноста од удар врз побарувачката е многу реална. Високите цени на енергијата носат и зголемена инфлација, што пак може значително да го забави економското закрепнување.