БДП оваа година со раст од 3% и 3,3% во 2022 година

99

Анкетата за инфлациските очекувања и очекувањата за движењето на реалниот бруто домашен производ (БДП) за периодот 2020 ‒ 2022 година, спроведена во декември , покажува нагорна ревизија на очекувањата за просечната стапка на инфлација, додека во однос на очекуваниот раст на БДП не упатува на позначителни промени, покажува Анкетата за инфлациски очекувања и очекувања за движењето на реалниот БДП на Народна банка.

Така, како и во досегашните анкети од оваа година, економските аналитичари ги објаснуваат ваквите движења кај инфлацијата и БДП главно со ефектите од глобалната криза предизвикана од пандемијата на ковид-19 и од мерките за справување со неа.

Во однос на инфлацијата, просечните очекувања за 2020 се повисоки во однос на претходната анкета и упатуваат на просечна стапка од 1,1% (0,6% во претходната анкета). Малку се повисоки и очекувањата за 2021 и 2022 година,пришто испитаниците очекуваат дека стапката на инфлација ќе изнесува 1,5% во 2021 (1,3% во претходната анкета) и 1,8% во 2022 година (1,6% во претходната анкета). Испитаниците сметаат дека за повисока стапка на инфлација главно би придонесле следниве фактори: досегашните остварувања на стапката на инфлација, неизвесноста предизвикана од пандемијата на ковид-19 и преземените досегашни, но и можни нови рестриктивни мерки за справување со неа коишто би можеле да предизвикаат повторни ограничувања во синџирите на производство и снабдување, а со тоа и повисоки цени на храната, енергијата и на увезените добра.

Според анкетните испитаници, постепеното надминување на кризата и закрепнување на потрошувачката, поддржано и од економските мерки, би придонесле за повисока инфлација во наредниот период. Од друга страна, евентуалното продолжување на кризата и побавното закрепнување на глобалната економија, а со тоа и помалата побарувачка за примарни производи, би довеле до пониски увозни цени и би можеле да предизвикаат остварување пониска стапка на инфлација.

Во поглед на економската активност, во оваа анкета не се забележуваат некои поголеми промени во очекувањата на аналитичарите во споредба со претходната анкета. Така, и понатаму анкетираните аналитичари очекуваат сличен пад на економската активност на домашната економија во 2020 година од 4,4% (пад од 4,3% во претходната анкета).

За следните две години се очекува постепено стабилизирање, при малку повисока стапка на раст од 3% за 2021 година (нагорна ревизија од 0,3 п.п.) и раст од 3,3% за 2022 година (минимална надолна ревизија од 0,1 п.п.). Испитаниците ги посочуваат следниве фактори коишто влијаат врз нивните очекувања: неизвесноста и негативните ефекти од ковид-19 и повторното воведување рестриктивни мерки за справување со вториот бран на ширење на ковид-19, неизвесноста околу побарувачката за нашите извозни производи и влијанието врз домашната економија, намалувањето на домашната побарувачка пред сѐ како резултат на поголема воздржаност на домаќинствата од потрошувачка во услови на намален доход и приватни трансфери од странство, воздржаноста на странските и домашните инвеститори, пониската кредитна активност, како и висината на јавниот долг којшто би се одразил негативно врз капиталните инвестиции.

Од друга страна, аналитичарите истакнуваат дека одобрувањето на вакцината, како и побрзото справување со ковид-19 во глобални рамки, преземените монетарни и фискални мерки, прогресот во евроатлантските интеграции, како и враќањето на оптимизмот кај субјектите во економијата (како кај потрошувачите, така и кај деловните субјекти) и зголеменото остварување на капиталните проекти може да имаат позитивно влијание врз растот во наредниот период и да придонесат за посткризно забрзување на растот на економијата.

Фото: Freepik