Бизнис истражување на австриското трговско одделение: Јаз меѓу бизнис приоритетите и реалноста

30

biznis 2

Борбата против корупцијата, платежниот морал и ЕУ интеграциите се трите најважни услови за успешен бизнис, но Македонија реално не посветува сериозно внимание на нивното исполнување, ова е заклучокот од третото истражување на бизнис климата во Македонија, коешто го спроведува Трговското одделение при Австриската амбасада во земјава, се вели во соопштението.

Задоволството на бизнисмените од тоа како Македонија се справува со овие три предуслови за успешен бизнис е на многу ниско ниво во однос на нивното рангирање како најважни точки за водење бизнис, стои нотирано во истражувањето.

“Ова е трет пат што ја прашуваме австриската бизнис заедница за нејзините видувања за економската ситуација во Македонија. За жал, една четвртина од нив, генерално, се песимисти за 2016 година во однос на минатата година, иако покажуваат оптимизам кога станува збор за состојбата во нивната компанија. Половина од нив планираат да вработат нови луѓе. Сепак, прашање број еден за австриските компании е политичката стабилност и затоа, тие внимателно го следат развојот на настаните“, рече Герхард Шлатл, трговско аташе на Австрија во Македонија.

Освен овие три услови, бизнисмените нотирале дека овој јаз се јавува и кај инфраструктурата, царинскиот систем и управа, еколошката ситуација, како и кај достапноста до човечки ресурси.

Штефан Петер, извршен директор во ЕВН Македонија и претседател на Советот на странски инвеститори, објаснува дека 2015 година била тешка година за македонската економија.

“2015-тата беше тешка година за македонската економија. Но, можеби тоа функционира. Растот на БДП од 3,5% е добар показател, дури и во однос на некои европски држави. Турбуленциите на некои пазари влијаеа врз некои бизниси во Македонија што доведе до стагнација, дури и полошо. Затоа е неопходна добра стратегија за развој за да се надмине оваа состојба. Ние сме позитивни и веруваме дека секој предизвик е можност“, објаснува Петер.

За оваа 2016 година, според истражувањето, 485 од компаниите очекуваат раст на прометот, повеќе од 40% планираат нови вработувања и повеќе од 30% планираат да ги зголемат инвестициите.

Во истражувањето учествуваа стотина менаџери на австриските компании во Македонија, како и македонски компании кои соработуваат со нив. Истражувањето е спроведено во ноември и декември 2015 година.

Вкупната вредност на директните инвестиции од Австрија во Македонија, во 2015 година, изнесуваат 516,3 милиони евра со што Австрија е втор најголем инвеститор во земјава. Првата позиција ја зазема Холандија, а на третото и на четвртото место се Грција и Словенија.