Една милијарда и 550 милиони инвестиции во Македонија за четири години

17

Во последните четири години, по основ на странски инвестиции во Република Македонија се влезени милијарда и 550 милиони евра. Износот е двапати повеќе од вкупниот прилив по тој основ во периодот од 1990 година до 2005 година, не сметајќи ги приватизациите на државните монополи.

Ова вчера го изјави министерот за финансии Зоран Ставрески, на прес-конференцијата за намалување на царините на повеќе производи од 1 јануари следната година.

“Штета е што во вакви времиња вкупниот прилив во Европа и во светот е многу намален во однос на тоа што да речеме беше во 2004 и 2005 година и кога би имале такви околности како тогаш, резултатите ќе беа уште подобри. Но, евидентно е дека Република Македонија привлекува инвеститори и во вакви околности и тоа не од една земја, туку од повеќе, американски, британски, руски и останати компании, што се решаваат да дојдат во Македонија”, рече вицепремиерот.

Министерот додаде дека тоа е резултат на подобрената бизнис клима, бидејќи за да се отиде на роуд шоу треба да се има што да каже, а за да имате што да кажете треба да ја подобрите бизнис климата. Сето тоа е евидентно преку рангирањето на Македонија од страна на Дуинг бизнис и други места.

“Ако седите во земјата и ништо не правите се разбира дека нема никој да дојде. Треба да се биде амбициозен, да се отиде таму, да се објаснува и да се настојува да се прикаже земјата во позитивно светло, но затоа треба пред се да ги средите вкупните односи во земјата во делот на бизнис амбиентиот. Сметам дека таа структура веќе постои и затоа инвеститорите се почесто решаваат да инвестираат во Македонија”, укажа Ставрески.