Економски “имунитет“ – за овие сектори нема криза

56

Компаниите што котираат на Берзата, а се од секторите фармација, банкарство и осигурување и трговија со нафта, сите во првиот и вториот квартал од оваа година ги завршија со добивка, покажува Кварталниот извештај на Комисијата за хартии од вредност.

Па така, во првиот и вториот квартал од оваа година, вкупно 10 компании од секторот банкарство и осигурување, што котираат на берза, оствариле позитивен финансиски резултат. Нема загуба ниту кај компании што се занимаваат со фармација и трговија со нафта.

Најмногу добивки имаат компании што му припаѓаат на секторот Индустрија (28), но тие имаат и најголем удел меѓу компаниите што во првото полугодие од оваа година прокнижиле загуба (13).

Во секторите градежништво, угостителство, земјоделство и услуги, друштвата се поделени, па полугодието го завршиле или со добивка или со загуба.

Од 97 котирани компании, 58 првиот квартал од 2020 година го завршиле со позитивен финансиски резултат – нето добивка, а 38 друштва кварталот го завршиле со негативен финансиски резултат – нето загуба, додека едно друштво нема регистрирано ниту приходи ниту расходи во првиот квартал од годината.

Поголемиот дел од друштвата што објавиле тримесечен биланс на успех, односно 60% од друштвата првиот квартал од годината го завршиле со нето добивка. Вкупната добивка на 63-те друштва што во првата половина од 2020 година регистрирале добивка изнесува 5.681.134.000 денари или околу 92,23 милиони евра, додека вкупната загуба на 34-те друштва што полугодието го завршиле со загуба е 712.062.000 денари или околу 11,56 милиони евра.

Минатата година, од 97 друштва, 71 друштва (73,2% од друштвата) првото полугодие го завршиле со нето добивка во вкупен износ од 6.715.353.000 денари, додека 26 друштва (26,8% од друштвата) првото полугодие од 2019 година го завршиле со нето загуба во вкупен износ од 612.057.000 денари.

Забележан е пад од 15% на вкупната добивка што на полугодишно ниво ја оствариле друштвата чии хартии од вредност котираат на берза оваа година во однос на истата на полугодишно ниво во 2019 година, како и пораст за 16% на вкупната загуба остварена на полугодишно ниво во првото тромесечје годинава во однос на првото полугодие од минатата година.

Фото: Freepik