Европа се ослободува од една зависност, а создава друга

143

Пред конфликтот во Украина, Русија беше најголемиот снабдувач на гас во Европската унија, со удел од околу 45 отсто. Затоа веќе осум месеци главна задача пред членките е да најдат алтернатива за рускиот гас. Исто толку отворено е и прашањето кој би можел да го заземе местото на најголемиот светски извозник на природен гас и дали тоа ќе биде новата адреса која ќе го диктира однесувањето на граѓаните и економијата во Европа.

Предупредувањето до членките на ЕУ да ја намалат зависноста од рускиот гас, последниве денови се почесто го следи уште едно – да не станат зависни од друг – американскиот. Навикнувањето на тоа може да ја чини Европа многу повеќе, бидејќи САД продаваат гас на Стариот континент и до четири пати поскапо отколку на нејзина територија. Затоа од Франција има повик за баланс меѓу партнерите, пишува РТС.

Францускиот министер за финансии Бруно Ле Мер вели дека на САД не треба да им се дозволи да доминираат на глобалниот енергетски пазар додека ЕУ ги трпи последиците од конфликтот во Украина.

„Конфликтот не смее да заврши со американската економска доминација и слабеењето на Унијата“, рече Ле Мер.

Економистот д-р Урош Делевиќ вели дека американскиот природен гас го удвоил учеството на европскиот пазар од почетокот на војната во Украина.

„Инаку, тој е за околу 40 отсто поскап од тоа што го плаќаме, рускиот гас од гасоводот. Ова значително влијае на конкурентноста на европските производители“, објаснува Делевиќ.

Дописникот на РТС од Германија Ненад Радичевиќ наведува дека со децении евтиниот руски гас бил еден од столбовите на германското економско чудо.

„Затоа се поставува прашањето дали лизгањето на тој столб ќе значи само нишање или целосен колапс на германската економија, бидејќи тогаш таа, врз основа на многу поскапиот американски гас, би имала многу поскапи производи, кои не се толку конкурентни на светскиот пазар“. Затоа германските власти секаде се обидуваат да најдат алтернатива за рускиот гас“, објаснува Радичевиќ.

Иако е многукратно поскапо, се очекува да се бара алтернатива на американскиот пазар, вели долгогодишниот новинар во Рим, Жељко Пантелиќ.

Точно е, истакнува тој, дека во Западна Европа луѓето имаат низок праг на толеранција кога станува збор за животниот стандард и постигнатата благосостојба и дека не се подготвени на големи жртви.

Лидерите на американската индустрија за нафта и гас предупредија дека ЕУ не може да смета на нив за да обезбеди енергетска стабилност во текот на зимата со значително зголемување на залихите.