Финансиските институции да се подготват за ерата на технологии

36

Финансиските институции мора да ги следат промените што неизбежно доаѓаат. Веќе се зборува за финтек и иншуртек, за примена на дигиталната технологија во финансиските и осигуритeлните услуги. Иновациите во деценијата што доаѓа ќе креираат потполно нов финансиски пејзаж.

Потрошувачи кои се сигурни во барањата водени од вредности, идните технолошки иновации, новите начини на работа и континуираното влијание на регулаторната рамка може да дефинираат финансиски екосистем многу поразличен од оној што го гледаме денеска. За да се искористат можностите што ги носат промените, мора да се зголеми довербата на јавноста, да се пресретнат стратешки предизвици и да имате чиста визија за вашата улога во финансискиот систем, рече министерката за финансии Нина Ангеловска на седмиот Ерсте инвеститорски појадок на банкарите и инвеститорите, во Скопје.

Во моментов, финансискиот систем го поддржува економскиот раст на земјата преку кредитната поддршка на компаниите и на граѓаните.

“Со брзиот развој на технологиите и дигиталната економија, улогата на банките станува сѐ попредизвикувачка – не само да лоцираат висококвалитетни проекти и да ги поддржуваат истите туку и да заземат важна улога во едуцирањето на пазарот, особено на микро, малите и средните претпријатија како и на граѓаните и крајните корисници за своите услуги“, рече Ангеловска.

Министерство за финансии заедно со Народната банка како регулатори треба континуирано да се фокусираат на подобрување на регулаторната рамка. Тоа ќе креира околина што ќе ја зголеми конкурентноста, овозможувајќи поголема иновативност и пософистицирани решенија. Во тек е изготвување на новиот Закон за платежни услуги, кој е во согласност со ЕУ директивите, за кој беа направени три консултации со засегнатите страни.

Министерката Ангеловска се осврна и на актуелните заложби на Министерството за поддршка на пазарот на капитал и обезбедување поатрактивна средина за инвеститорите.

“Во врска со пазарот на капитал, дозволете ми да нагласам дека Министерството за финансии во моментов ја разгледува иницијативата на Македонската берза и на Комисијата за хартии од вредност за одложување на примената и евентуални измени во врска со данокот на личен доход на остварени капитални добивки. Воедно ќе ја разгледаме и временската рамка и начинот на оданочување со данокот на личен доход на камата од депозити. Паралелно со поддршката на растот и заштитата на интересите на реалниот сектор и на граѓаните, нашите напори ќе бидат насочени кон олеснување на примената и овозможување ефикасни и ефективни процеси“, рече Ангеловска.