Градежните материјали нема да поевтинат, домашните производители „втори“ снабдувачи

37

Нарушените транспортни врски со Истокот поради блокадите во Црвеното Море значително ја поскапеа испораката на репроматеријали и опрема и е нов предизвик за индустријата на градежни материјали, каде на цените влијае и таксата за количината на емисијата на јаглероден диоскид, откако Европската Унија ја воведе на производите и услугите. Инфлацијата, достапноста на енергенсите и суровините, логистичките пречки и растот на цената на превозот, според стопанствениците, не ветуваат пад на цените на градежните материјали, како еден од клучните фактори во цената на градбите, која пак бележи конитинуиран пораст во изминатиот период. Како и во досегашните изборни процеси така и за претстојните ја очекуваат истата реторика со најави за многу градби. Бараат договори со порамнување на цените, а странските изведувачи да бидат обврзани за користење домашни подизведувачи и производи со точно зададени параметри за процентуално учество по категории.

Даниел Цеков од Здружението за градежништвото индустријата на градежни материјали и неметалите при Стопанската комора за МИА вели дека индустријата на градежни материјали се соочува со три големи предизвици: нестабилни цени на енергенси, суровини и опрема, уништената домашна градежна оператива и намалувањето на кадарот на сите нивоа на образование и сертификација, нерегулиран пазар и увоз.

-Ако земеме во предвид дека според висината на прометот носители на оваа гранка се производителите на цемент и гипс, а по нив следуваат производителите на бетон, тогаш гледаме стабилна состојба и благ раст. Овие производители со основните суровини се снабдуваат локално, а зависно од промена на цените на енергенсите ги прилагодија цените на производите, вели Цеков.

Откако пред четири години ланците на снабдување беа нарушени со пандемијата а од пред две години и со руската воена агресија врз Украина, цените на енергенсите и транспортот во неколку наврати имаа нагли скокови што доведе до нестабилни цени и поскапувања кај сите категории градежни материјали.

– Во Македонија на проектите каде како инвеститор се јавува државата, договорите се по најниска и фиксна цена. Заедно со изведувачите запревме и снабдувачите – производителите. Изведувачите се најдоа во слепа улица каде секој се снаоѓаше според своите способности и можности, како не би запреле затоа што тоа ќе значеше крај за некој од нив. Не се најде системско решение за надминување на проблемот. Ние како домашни производители бевме заглавени во роковите на плаќање и ги приспособувавме цените, при што имавме големи загуби. Дел од домашните градежни фирми ставија клуч, а дел од странските компании ги напуштија проектите. Сега нов предизвик се нарушените транспортни врски со Истокот поради блокадите во Црвеното море. Испораките на репроматеријали и опрема од истокот значително поскапеа, со роковите на испорака кои во некои случаи пораснаа за дополнителни три месеци, укажува Цеков.