Во 2023 година, трендот е обратен: Пад на извозот на лекови и фармацевтски производи од ЕУ

14

До пандемиската 2020 година извозот постепено растеше, а особено во следните две години, сè до 2023 година, кога извозот на лекови и фармацевтски производи почна да опаѓа во однос на врвот од 2022 година.

Во 2023 година, извозот на лекови и фармацевтски производи од ЕУ во земјите надвор од ЕУ е намален за -3,5 отсто во однос на 2022 година. Од друга страна, увозот во ЕУ е зголемен за 6,1 отсто во 2023 година, објави Евростат.

Во 2023 година извозот достигна 277 милијарди евра, додека увозот изнесуваше 119 милијарди евра. Како резултат на тоа, трговскиот суфицит на ЕУ во медицински и фармацевтски производи беше 158 милијарди евра, што е втор највисок рекорд, по врвот од 174 милијарди евра во 2022 година.

Намалување на извозот на најголемите извозници

Во 2023 година, Германија беше најголемиот извозник надвор од ЕУ (62 милијарди евра), потоа Белгија (44 милијарди евра) и Ирска (37 милијарди евра), од кои трите забележаа пад во споредба со 2022 година.

Најголеми увозници на лекови и фармацевтски производи надвор од ЕУ беа Белгија (26 милијарди евра), потоа Германија (20 милијарди евра) и Холандија (16 милијарди евра).

САД и Швајцарија се главни трговски партнери

Главна дестинација на извозот на лекови и фармацевтски производи надвор од ЕУ во 2023 година беа Соединетите Американски Држави, кои сочинуваа една третина (33,2 отсто; 92 милијарди евра) од тој извоз, по што следат Швајцарија (15,5 отсто; 43 милијарди евра) и Кина (7,7 проценти; 21 милијарда евра).

Увозот на овие производи во ЕУ главно доаѓа од САД, кои учествуваат со 39,5 отсто од вкупниот увоз на овие производи во ЕУ, а потоа следат Швајцарија (32,3 отсто) и Обединетото Кралство (6,9 отсто).