Граѓаните најчесто се жалат на загубени поштенски пратки

29

Корисниците на поштенските услуги  во првата половина од годинава поднеле 2.302 рекламации, од кои 2.164 до Македонска пошта, а 138 до останатите даватели на поштенски услуги, покажуваат податоците на Агенцијата за пошти, пишува Миа.

“Оваа година најмногу рекламации се поднесени за загубени поштенски пратки од страна на националниот оператор и тоа вкупно 2.046. Во 2.030 случаи на поднесени рекламации корисниците неосновано приговарале. Што се однесува за рекламациите кои се поднесуваат до останатите поштенски оператори по основ на оштетени пратки, забележана е бројка од 56 рекламации, вели директорот на Агенцијата за пошти Влатко Атанасоски во интервју за Миа, по повод 9 октомври – Светскиот ден на поштенскиот сообраќај.

Според Атанасоски, корисниците на поштенските услуги се запознаени со рекламациските постапки и поднесуваат рекламации до сите поштенски оператори.

“По поднесените приговори и рекламации, давателите на поштенските услуги имаат законска обврска во одреден рок во зависност од типот на  пратката да одговорат по истите. Доколку понатаму корисниците не се задоволни од одговорот имаат можност во втор степен  да се обратат кај нас во Агенцијата за пошти“, нагласува  Атанасоски.

Агенцијата за пошти во соработка со сите поштенски оператори работи на проект „е – приговор“ со кој ќе се изработи веб апликација за прикажување информации за начинот на поднесување приговори. Целта е на корисниците да се овозможи лесен начин за пополнување приговор до давателот на поштенските услуги. Вработените од Агенцијата ќе имаат можност за нивна обработка на приговорите и преглед на статистички извештаи во врска со нив. Апликацијата ќе биде јавно достапна за сите корисници. Со отворање на соодветниот линк на корисникот ќе му се прикажат информации за постапката при поднесување приговори во преку неколку чекори.