Групацијата Триглав со добри резултати во доменот на осигурувањето, пониски приноси од финансиските вложувања

30

triglav-1-580x387

Групацијата Триглав во првото полугодие од 2016 година, во согласност со очекувањата, работеше во тешки услови на пазарот и во опкружување со историски ниски каматни стапки на меѓународните финансиски пазари. Во доменот на основната дејност, осигурувањето, групацијата Триглав постигна добри резултати. На тоа укажува комбинираниот коефициент, како показател  на профитабилноста во работењето во неживотното осигурување, којшто Групацијата го подобри, па на крајот од првите 6 месеци од 2016 година изнесуваше 93,4%. На останатите пазари, сите компании ќерки остварија раст во премија. Триглав Осигурување, Скопје, којшто е дел од групацијата Триглав, во првата половина од 2016 година постигна премиски раст во висина од 5% и за 0,5 процентни поени го подобри уделот на македонскиот осигурителен пазар (16,9%).

Триглав Осигурување Скопје во првата половина од 2016 година повторно ги надмина деловните резултати, работејќи посветено на исполнување на зацртаната стратегија, како во поглед на финансиските резултати, одржувањето на високите стандарди во начинот на работење, така и во поглед на развојот на осигурителниот пазар во земјата, со воведување нови, иновативни производи.

Во дадениот период, компанијата реализира бруто полисирана премија во износ од 708.715.231 денар (11,5 милиони евра), со што оствари раст од скоро 5% во споредба со истиот период минатата година. Во поглед на нето заработена премија, компанијата постигна раст од 13%, споредено со првата половина од 2015 година, стои во соопштението.

Триглав Осигурување оствари одлични резултати во стратешки важниот сегмент на доброволно приватно здравствено осигурување, а исто така и во сегментот на автомобилските осигурувања. Најдобар индикатор за доброто работење на компанијата е подобрувањето на комбинираниот коефициент, како показател на профитабилноста во работењето во основната дејност, кој што покажа пад од повеќе од 10 процентни поени, споредено со истиот период минатата година (93,9%). Коефициент под 100% е показател за позитивно работење во доменот на неживотно осигурување.

“Фокусот на клиентите и нивното задоволство и лојалност се основните предуслови за резултатите кои што Триглав ги остварува на македонскиот пазар”, изјави во оваа прилика главниот извршен директор на компанијата, г. Ѓорѓе Војновиќ. “Тие се нашата мотивација и нивното задоволство е наша цел, која што ја реализираме со обезбедување на професионална услуга, како и со понуда на квалитетни производи. Во првата половина од оваа година воведовме важни новини на пазарот, како што е Триглав автомобилска асистенција и осигурување на операции, во доменот на доброволното приватно здравствено осигурување. На пазарот и на клиентите им понудивме додадена вредност и ја потврдивме определбата да работиме на развојот на осигурителната индустрија. Сето ова резултираше со ново признание, кога втор пат по ред го добивме Qudal, медалот за најдобар квалитет во доменот на осигурување на македонскиот пазар”, додаде г. Војновиќ.

Групацијата Триглав во првото полугодие од 2016 година обезбеди приближно ист износ на консолидирана бруто полисирана премија од осигурување и соосигурување, споредено со истиот период минатата година (507 милиони евра). Доколку се земе предвид минатогодишната продажба на компанијата ќерка од Чешка, Групацијата во првата половина оваа година оствари раст од 2%. Премијата од неживотно осигурување, која што има удел од 68% во консолидираната осигурителна премија, има приближна вредност како и минатата година, премијата од животно осигурување покажа пад од 3%, а премијата од здравствено осигурување има раст од 3%. Во Словенија, матичната компанија обезбеди 1% пониска осигурителна премија споредено со истиот период минатата година, додека пак обемот на премија на Триглав, Здравствена заваровалница и Скупна покојнинска дружба се зголеми за 3%, т.е. 4%.

Во останатите пет земји од регионот Адриа сите компании ќерки постигнаа раст во премија. Најголем раст од 20% беше реализиран на српскиот пазар, додека пак во Хрватска тој изнесуваше 12%. Во Црна Гора беше остварен раст од 6%, а во Македонија, како што веќе беше наведено, растот изнесува 5%. На пазарот во Босна и Херцеговина, сараевската компанија реализира раст од 12%, додека пак компанијата во Бања Лука од 3%. Успехот во работењето во основната дејност во дадениот период го потврдува и подобрувањето на комбинираниот коефициент на Групацијата (93,4%), како и коефициентот на матичната компанија (87,6%).

Споредено со минатогодишното полугодие, Групацијата забележа за еден процент повеќе бруто износ на штети (301,1 милион евра), додека матичното друштво за два проценти (198,1 милион евра). Оваа година работењето на Групацијата го одбележаа неколку масовни штетни настани, меѓу кои најголемите штети беа поради последици од мраз во Словенија и Хрватска.

Со доследно спроведување на мерките на деловната политика, групацијата Триглав првото полугодие го заврши со нето добивка во висина од 34,2 милиони евра (матичното друштво со 29,6 милиони евра) и со бруто деловен резултат во висина од 43,2 милиони евра (матичното друштво со 36,8 милиони евра). На работењето и на деловниот резултат на Групацијата посебно влијание имаа ниските приноси од финансиските вложувања, поради историски ниските каматни стапки на финансиските пазари. Во првото полугодие на 2016 година приносите на Групацијата беа за 39% пониски споредено со истиот период минатата година, додека во матичното друштво беа пониски за 20%.

Заваровалница Триглав оваа година повторно исплати 2,5 евра бруто дивиденда по акција, со што се вбројува меѓу најпрофитабилните акции во однос на дивиденда на Љубљанската берза.