Хрватска ќе добие етичка банка

25

hrХрватска ќе ја добие првата етичка банка. Станува збор за апсолутен новитет во Хрватска, иако вакви институции во Европа и пошироко работат веќе одамна, а нивното делување се базира на одредени социјални и демократски начела, еколошка чувствителност и поддржување на проекти што другите банки не сакаат да ги кредитираат затоа што не се доволно комерцијални, пишува Дојче Веле.

По основањето на Здружението на етичко банкарство, понатаму следува лиценцирање кај Хрватската народна банка, а новата установа под назив Ебанка би можела да почне со работа на почетокот на следната година.

Здружението на етичкото банкарство е основач како правно лице, единствен акционер и 100% сопственик на Ебанка, чии членови ќе бидат косопственици на Ебанка. Банката според законот за кредитни институции мора да биде регистрирана како акционерско друштво, а за основање банка потребно е да обезбеди капитал од 5,2 милиони евра. За правно или физичко лице да стане клиент на Ебанка, прво мора да стане нејзин косопственик, односно да се зачлени во Здружението на етичко банкарство, за што ќе треба да плати влог во износ од 328 евра.

Овој тип на банки инвестираат во еколошко земјоделство, обновливи извори на енергија, непрофитен сектор и fair trade. Етичките банки се создадени како одговор на се поголемите потреби на оние кои се исклучени од комерцијалниот банкарски систем, како и оние што сакаат нивната заштеда да се користи на подобар начин. Парите за кредитните активности доаѓаат од заштедата на клиентите, а заработката се темели на каматите што ги наплаќаат на пласираните средства. Банката мора да оствари одредена добивка, за да обезбеди одржливост на работењето, но најчесто добивката се реинвестира.

Етичките развојни банки постојат во демократските пазарни економии веќе преку 150 години, а карактеристични се по тоа што вложуваат исклучиво во реален сектор (занаети, индустрија, земјоделие) со многу ниски камати (околу 2%). Посебен акцент ставаат на инвестирање во локалните заедници.

Најпознати алтернативни финансиски куќи и асоцијации од овој вид се шпанската Caja Laboral Popular, холандската Triodos Bank, италијанската Banca Popolare Etica, како и меѓународната мрежа Global Alliance for Banking on Values (GABV) или Fédération Européenne des banques Ethiques et Alternatives (FEBEA).

FEBEA – европска федерација на етички и алтернативни банки, која е основана во 2001 година во Брисел, брои 22 членки. Меѓу нив има 11 банки, шест штедно – кредитни здруженија, пет инвестициски друштва и три фондации. Нивниот биланс изнесува вкупно 21 милијарди евра, а имаат 528.000 клиенти.