Како да ги менаџирате незадоволните работници?

26

menadzment

Фото: Pixabay

Работењето со луѓе може да биде наградувачка, но и многу сложена и тешка работа. Да се води тим не е лесно, а за да успеете во тоа потребно е да ги имате вистинските вештини.

Еве како успешно да ги менаџирате незадоволните вработени.

Пристапете кон проблемот темелно

Пред да донесете било какви заклучоци, темелно истражете што навистина се случува со вработениот. Дознајте зошто е вознемирен/а. Тоа може да биде било што, вие, нивниот статус, друг член од персоналот, а можно е и да нема врска со работата. Ако проблемот не е поврзан со случувањата на работното место, не значи дека треба да го игнорирате. Искористете го за да покажете дека тој/таа не е само име во папката на менаџерот за човечки ресурси. Вашата помош, било да е тоа преку формални техники или некој друг начин, ќе придонесе за поголема лојаност на работникот кон компанијата.

Не чекајте

Колку подолго чекате да го решите проблемот, толку истиот ќе добие поголеми размери. Можеби разговорот ќе биде непријатен, но треба да се случи најбрзо што може, откако ќе се идентификува проблемот. Штом ќе се соочите со ситуацијата, најдобро ќе биде да се обратите кон целиот тим и да им дадете до знаење дека проблемот е решен, за да избегнете ширење на гласини. Кратка и концизна изјава може да ви заштеди време и главоболка на долги патеки.

Приватноста е од клучна важност

Најдобро е да разговарате со вработените во четири очи. Оваа тактика не само што ве заштитува од јавно искажување на жалбите и критиките, туку дава една нишка на безбедност за вработените. Зад затворени врати вистинската причина за незадоволството ќе се дознае многу полесно отколку ако се разговара групно.

“Кул” е најдоброто расположение

Она што е најважно при справување со незадоволни вработени е да се обидете да останете со ладна глава, или накратко кажано да бидете “кул”. Ако во текот на разговорот се вознемират, зборувајте полека и дајте им време да дојдат при себе. Во случај ситуацијата да ескалира, замолете ги да се однесуваат професионално. Доколку вработениот не може да ги совлада емоциите, оставете му/ѝ простор и време сам/а да се избори со чувствата и продолжете го разговорот кога ситуацијата ќе дозволи.

Потребно е време

Како професионалци во бизнисот, сакаме веднаш да ги решиме проблемите. Сепак, тоа не е применливо во секоја ситуација. Имајте во предвид дека кога менаџирате незадоволен работник, можеби ќе биде потребно да одржите неколку состаноци додека проблемот не биде решен. Ова може нема да им се допадне на претприемачите кои сакаат работите да се движат брзо, но треба да запомните дека на некој начин им должите на вработениот и компанијата да го надминат проблемот и соработката да продолжи.

Водете евиденција

Не заборавајте да ги документирате средбите, разговорите и резултатите. Ова е за ваша безбедност и безбедност на вработениот и може да ве спаси од евентуална тужба. За жал, обидот да се реши ситуацијата може да биде и неуспешен. Наместо позитивен исход, може да се најдете во позиција на издавање на план за подобрување на ефикасноста или поставување на темели за евентуален прекин. Што и да се случи, водете евинденција за издадени предупредувања и преземени активности. Овие документи можат да бидат од клучно значење во случај вработениот да сака да ја тужи компанијата.