Како до дополнителен приход: Станете застапник во осигурување

220

Застапник во осигурување или попознат како агент за осигурување претставува лице кое врз основа на работен однос или друг договорен однос со друштвото за осигурување е овластено да склучува договори за осигурување во име и за сметка на тоа друштво. Агентот за осигурување е врска помеѓу друштвото за осигурување и клиентот, тој врши продажба на производите и ја врши целокупната комуникација со клиентот во моментот кога ќе настане штета, како и доколку биде потребно да се извршат одредени промени во текот на траење на осигурителното покритие. Агентот за осигурување се грижи за своите клиенти и уредно ги известува за истекот на нивното осигурително покритие.

Кој може да стане застапник во осигурувањето

Застапник во осигурување може да биде физичко лице кое има лиценца за застапник во осигурувањето издадена од Агенцијата за супервизија на осигурување. За застапник во осигурувањето се смета и секое лице кое дополнително на својата основна професионална дејност врши работи на застапување во осигурувањето, односно работи на подготовка и склучување на договори за осигурување во име и за сметка на едно или повеќе друштва за осигурување, за производи на осигурување кои меѓусебно не си конкурираат.

Услови за стекнување на лиценца за застапник во осигурувањето

Агенцијата за супервизија на осигурување ќе издаде лиценца за застапник во осигурувањето на лицето кое ги исполнува следниве услови:

  • да има положено стручен испит за застапник во осигурувањето;
  • да има најмалку средно образование;
  • да го познава македонскиот јазик и неговото кирилско писмо;
  • да не извршувало функција на лице со посебни права и одговорности во друштво за осигурување или друго правно лице над кое е отворена стечајна постапка.

Стручниот испит за застапник се состои од два дела и тоа:

– Прв дел (теоретски дел) со којшто се проверува теоретското знаење на кандидатите; и

– Втор дел (практичен пример) со којшто се проверува способноста за примена на законите во практиката.

Првиот дел од стручниот испит за застапник се полага по предметите: основи на управување со ризик и осигурување, законска регулатива од областа на осигурување, трговско и облигационо право, застапување во осигурување и етички кодекс, осигурување на живот и Неживотно осигурување.

Вториот дел од стручниот испит за застапник се состои од: практичен пример, прашања кои кандидатот треба да ги одговори врз основа на практичниот пример. Вториот дел од стручниот испит за застапник се полага за сите предмети од првиот дел од стручниот испит за застапник.