Македонија напредува кон функционална пазарна економија, смета ЕК

27

Северна Македонија направи одреден напредок и е на добро ниво на подготовка за развој на функционална пазарна економија. Економскиот раст се забрза во 2019 година со зголемувањето на инвестициите, но, од април 2020 година, кризата со КОВИД-19 остави свој белег врз економијата и јавните финансии, се наведува во годишниот извештај на Европската комисија (ЕК) за напредокот на земјата, пренесува МИА.

“Властите презедоа низа мерки за поддршка на компаниите и домаќинствата, за да го ублажат економското и социјалното влијание на кризата. Фискалната транспарентност беше дополнително подобрена. Сепак, фискално значајните реформи во оданочувањето на доходот и системот на пензии, воведени на почетокот на 2019 година, забележaa назадување. Фискалната транспарентност беше дополнително подобрена, но беа запрени реформите на даночниот и пензискиот систем, почнати во 2019 година. Покрај тоа, спроведувањето на јавните капитални расходи остана ниско, а стабилизацијата на јавниот долг сè уште не е обезбедена. Пред да се појави кризата, стапките на невработеност продолжија да опаѓаат, а се намали и неформалното вработување. Сепак, позитивниот тренд веројатно ќе се промени поради кризата КОВИД-19. Проблем за бизнисот и натаму останува високиот удел на неформалната економија“, се наведува во делот од извештајот за исполнувањето на економските критериуми.

Покрај тоа, ЕК укажува и дека спроведувањето на јавните капитални инвестиции остана на значително ниско ниво, а стабилизацијата на јавниот долг сè уште не е обезбедена. Пред кризата со КОВИД-19, стапките на невработеност дополнително се намалија, исто така и кај младите, а неформалното вработување благо опадна. Сепак, влијанието на кризата со КОВИД-19 веројатно ќе ги сврти тие позитивни трендови. Стапките на учество на жените остануваат ниски, иако нивното учество во пазарот на трудот се зголеми.

“Финансискиот сектор остана солиден, а заемите за приватниот сектор беа зајакнати. Деловното опкружување продолжува да биде попречено од високиот удел на неформалната економија. Северна Македонија постигна одреден напредок и е умерено подготвена да се справи со конкурентските притисоци и пазарните сили во рамките на ЕУ. Интеграцијата во ЕУ во смисла на трговија и инвестиции дополнително се напредува. Извозот и индустриското производство дополнително се проширија со производи од повисока вредност. Сепак, недостигот на вештини, како одраз на недостатоците во образовниот систем и одливот на квалификувани работници, како и јазот во инвестициите во инфраструктура ја нарушуваат продуктивноста на трудот и конкурентноста на економијата. Навременото решавање на овие структурни потреби, би поттикнало побрзо економско закрепнување и раст на вработувањето по кризата со КOVID-19“, смета ЕК.

Со цел да се подобри функционирањето на пазарната економија, ЕК препорачува да се обезбеди  фискален простор за поддршка на закрепнувањето по ковидкризата преку подобрување на собирањето на приходите, спроведување јавни инфраструктурни проекти кои го поттикнуваат растот и подобрување на управувањето со јавните инвестиции. Се препорачува и зајакнување на фискалното управување, транспарентност и одржливост преку воспоставување фискални правила, соодветна среднорочна буџетска рамка и фискален совет, продолжување со спроведувањето на Стратегијата и акцискиот план за 2018 година за формализирање на неформална економија и подобрување на ефективноста и транспарентноста на државната помош.

Во однос на способноста да ги преземе обврските за членство во ЕУ, земјата продолжува да биде умерено подготвена во повеќето области, вклучително и во областите на конкурентност,  јавни набавки, статистика, финансиска контрола, транспорт и енергија. Земјата покажува добро ниво на подготовка во области како што се законодавство на компании, царинска унија, транс-европски мрежи како и наука и истражување. Земјата е во рана фаза на подготовка во области како што се слободно движење на работниците, како и финансиски и буџетски одредби.

Во наредниот период, потребен е поголем фокус и на административниот капацитет и ефективната имплементација. Земјата продолжи да ја подобрува својата усогласеност со заедничката надворешна и безбедносна политика на ЕУ, се вели во извештајот на ЕК за напредокот на С.Македонија.

Фото: Pixabay