Македонските фирми најмногу заинтересирани за ISO 9001

338
davcev
Љупчо Давчев, директор на Институтот за стандардизација на Република Македонија

На македонската индустрија и треба што поголема употреба на европски стандарди, за да бидеме изедначени на европскиот пазар

Институтот за стандардизација на Република Македонија (ИСРМ) е национално тело за стандардизација кое ги претставува националните интереси во меѓународните, европските и регионалните организации за стандардизација, ги промовира стандардизациските активности и преку здружување на јавните и приватните заинтересирани страни, ИСРМ подготвува и усвојува доброволни национални стандарди. ИСРМ врши продажба на стандарди и други стандардизациски документи, а ИНФО Центарот дава информации од областа на македонската, регионалната, европската и меѓународната стандардизација.

За активностите на Институтот и соработката со македонските компании, говори Љупчо Давчев, директор на ИСРМ.

БИ: Дали македонските фирми сакаат да се стандардизираат и кои се придобивките од стандардизацијата?

Институтот за стандардизација има усвоено 24.000 стандарди, од кои 19.000 се европски. Институтот е полноправна членка во европските тела за стандардизација и го има истиот однос како што го имаат германскиот, шпанскиот институт, сите полноправни членки во Европската Унија, како и трите земји од ЕФТА и Турција и Македонија. Ова значи дека Република Македонија, преку Институтот за стандардизација е еднаква на европскиот пазар, односно сите правила кои важат за европските земји важат и за нас. Институтот за стандардизација е веќе влезен во Европа, има право на глас, да одлучува за правото на стандардите, да дава коментари за стандардите, да прави македонски стандарди, а тоа за индустријата значи дека доколку производителот во Македонија има производ врз кој може да направи стандард, со тој стандард да бидеме пред сите во Европа. Тоа е она што го користат Германците и затоа 3% БДП го прават врз основа на употреба на нивни германски стандарди. На пример, BMW и Siemens прават свои стандарди, свои производи, со што веќе се во предност на пазарот кој го освојуваат. Македонските компании купуваат стандарди, но тоа се претежно стандарди од квалитет, како ISO 9001, 1401. Но, стандардите кои што ја прават основата на индустријата, односно стратешките стандарди многу ретко ги купуваат. Сега со доаѓањето на големите компании во Македонија, се зголемува интересот на компаниите за купување на стандарди, што значи дека можеме реално да увидиме на кое ниво сме во споредба со Европа на основа на стандардите. Има едно општо правило што значи еден европски стандард, еден европски пазар, 600 милиони корисници.

396165_474948962562156_341240850_n

БИ: Колку малите и средните претпријатија се заинтересирани да се стандардизираат?

Проблемот во македонската индустрија е што компаниите сакаат да се сертифицираат по ISO 9001. Тоа е стандард за квалитет што обезбедува фирма да работи по тој и тој стандард. Меѓутоа, тој стандард не обезбедува производот да биде конкурентен на европскиот пазар. Тоа што на нашата македонска индустрија и треба е што поголема употреба на европски стандарди, како би биле изедначени на европскиот пазар. Што се случува сега? Во времето на поранешна Југославија се градеа фабрики кои работеа или по источно германски, руски или југословенски стандарди. Проблемот е што тие стандарди се веќе застарени и неважечки и таа технологија е застарена и неважечка, што ги прави неконкурентни на европскиот пазар. Тие можат своите производи да ги продаваат во Македонија, Косово и Србија, но сопствениците на тие фабрики треба да ја обноват својата индустрија врз основа на европските стандарди, за да можат да бидат конкурентни.

БИ: Да разграничиме, што е стандардизација, а што сертификација?

Стандардизација е правење на стандарди, во стандардите се прават основните работи и услови што треба еден производ или услуга да ги има. Сертификација се гледа стандардот кој што е направен и се гледа дали врз тоа се исполнети стандардите на производот и се дава сертификат. Институтот усвојува европски и меѓународни стандарди. Во текот на следната година со новиот ИПА проект ќе бараме да почнеме со сертификација на производи, што значи дека доколку одреден македонски произведувач сака својот производ да го извезе на европскиот пазар, повеќе нема да треба да оди да го испитува производот во Германија, Шпанија или на некое друго место, испитувањето ќе се изврши кај нас, што ќе придонесе парите дадени за испитување да останат кај нас, производителот испитувањата ќе ги направи по пониска цена, а нашиот сертификат кој ќе го добие ќе биде на исто ниво како да го добил во било кој европска држава.

БИ: Како се купуваат стандардите, како фирмите можат да дојдат до нив?

Нашиот веб сајт е многу транспарентен, на него можете да ги видите насловите на сите 24.000 стандарди. Поделени се по групи, секоја заинтересирана страна може да види кој стандард за што се однесува. Се гледаат само насловите на стандардите бидејќи сме потписнички на многу авторски и сродни права, ние не смееме стандардите да ги даваме бесплатно. Почитувајќи ја таа одлука за заштита на авторските права, стандардите можат кај нас само да се купат. За членовите на техничките комитети и на работните групи стандардите се бесплатни, но само за нивната област. Постојат три начини на купување на стандардите. Првиот е со доставување на барање до нас и стандардот го добиваат во хартиена верзија, вториот е по електронски пат со купување преку кредитна картичка и симнување на стандардот и третиот, кој воедно е и новитет, е да земат лиценца на користење на група на стандарди, најмалку 50 стандарди, тоа е нешто што го нудиме на големите фабирки и универзитите. Услугата ја користат една година и плаќаат само 20% од чинењето на стандардот.

БИ: Колку често се менуваат стандардите и дали тие можат да се најдат на македонски јазик?

Според законските регулативи, стандардите се менуваат еднаш во пет години, односно тоа е период во кој тие се ревидираат, но тоа не важи за сите дејности. На пример, во информатичката технологија имаме откритија скоро секој ден, што значи дека во оваа дејност многу почесто се менуваат стандардите, за разлика од другите дејности. Во нашиот Институт станардите можат да се најдат и на македонски јазик.