Маркетинг за време на криза

553

По сè изгледа дека коронавирусот и пандемијата што ја носи со себе, ќе го редефинира светот и начинот на водење на бизнисите.

Секоја економска криза, предизвикана од (не)економски фактори, бара промени во начинот на дефинирање на маркетинг стратегиите на компаниите. Во такви ситуации, компаниите ќе мора да се повлечат од оние пазари каде не се меѓу главните играчи и да ги фокусираат своите ресурси кон своите јаки страни.

Во време на криза, маркетингот ќе мора да развие уште посилна врска со потрошувачите. Тие, пак, се изложени на страв и паника, па затоа им е потребна помош при разумно купување или донесување одлуки во ситуации на криза или вонредна состојба.

Многу е важно маркетарите да реагираат брзо и својата стратегија да ја прилагодат кон новонастанатите услови. Не смеат да заборават на довербата што мора да ја уживаат меѓу клиентите, бидејќи сега врз нивното однесување ќе влијаат други фактори што досега не ни биле “во игра“. Исто така, неопходно е да се елиминираат сите непрофитабилни активности, да се редефинираат целите и да се придржуваат кон условите што владеат на пазарот во тој момент.

Колку време ќе трае кризата, колку ќе чини и кои сектори ќе бидат најмногу погодени, ќе ја детерминира и маркетинг стратегијата на компанијата. Треба будно да се следи состојбата, да се совладаат пречките што ги носи кризата и на крајот да се прилагоди работењето кон новите услови.

Во овој случај, со коронавирусот, компаниите во своите маркетинг активности ќе треба да бидат синхронизирани со препораките од здравствените власти, да им го олеснат секојдневието на потрошувачи, на пример, преку онлајн купување, достава до дома, поттикнување на безготовинско плаќање, промовирање на здрави навики и слично.

Компаниите во кризни ситуации, како оваа, може да се соочат со намалена продажба, помалку купувачи, откажување на аранжмани за патување, фокус на потрошувачите само кон елементарните потреби (како што е храна, вода, средства за дезинфекција и слично). Не би било во ред, во услови кога се упатуваат апели за останување дома, да се нудат луксузни патувања, скапа облека и слично. Дури и да сте од таква дејност, треба комуникацијата со купувачите да ја насочите кон важноста и грижата за нивното здравје. Така, купувачите ќе станат лојални на брендот и штом заврши кризата ќе се вратат на старите потрошувачки навики. До тој момент ќе треба претпазливо да се гради комуникацијата со потрошувачите и доверба во брендот.

Експертите советуваат дека во вакви услови не треба да се зголемуваат цените, бидејќи не треба да се злоупотребува и така кревката ситуација.

Фото: Pexels