Мораме повеќе да читаме, да одвоиме време за самоедукација и личен развој

49
jovan 1
Јован Маџовски, регионален директор на ЦЕЕД за Македонија, Албанија, БиХ, Молдавија и Србија

“Подготвеноста за учење на претприемачите е екстремно важна. За жал, општо, менталитетот во Македонија е дека многу малку се учи по завршувањето на формалното образование. Луѓето мислат дека сè знаат, сè научиле и нема што понатаму да учат, што апсолутно не е точно”, вели д-р Јован Маџовски, регионален директор на ЦЕЕД за Македонија, Албанија, БиХ, Молдавија и Србија. Со Маџовски разговаравме за претприемништвото во Македонија, за ЦЕЕД и едукацијата и развојот на претприемачите, за тоа што значи да се биде бизнис ангел…

БИ: Што е ЦЕЕД? Која е неговата основна функција?

ЦЕЕД е меѓународна организација со седиште во Вашингтон којашто се занимава со поддршка на претприемачите, директно им помага да ги зголемат своите способности и вештини, своите знаења, да запознаат нови претприемачи и да разменуваат искуства едни со други. Мајка организација на ЦЕЕД е СЕАФ (Small Enterprise Assistance Funds), чијшто главен бизнис е менаџирање на инвестициски фондови, односно СЕАФ дава средства претежно на мали и средни приватни компании, а идејата е со тие пари да им се помогне на компаниите да продолжат да растат. ЦЕЕД како Центар за развој на претприемачи и менаџери е стартуван во 2005 година, откако една година претходно се прави анализа, освен парите, што друго им е важно на претприемачите за да можат да ги развиваат бизнисите и да можат покрај локално, да растат регионално и глобално. Првиот ЦЕЕД центар е отворен во Бугарија, во Македонија е отворен во 2007 година, а вакви центри има и во Словенија, Романија, Косово, партнерски центар во Црна Гора, Албанија, Србија. Она што е интересно е што ЦЕЕД започна овде, во овој регион и почна да се шири глобално. Во меѓувреме се отворени Центри во Тунис и Мароко, Молдавија, Ерменија, Бангладеш…

Основната функција на ЦЕЕД е да им се помогне на претприемачите, на ниво на сопственици и основачи (најчесто сопствениците се и менаџери на компаниите), да ги развиваат своите способности и менаџерски вештини, а на второ ниво, да им се помогне и на луѓето со коишто директно работат, средниот менаџмент. Тоа го правиме на уникатен начин, со многу малку теорија и академски пристап, со 90% претприемачки пристап, преку размена на искуства меѓу луѓе кои се веќе претприемачи, кои успеале во бизнисот, успеале да изградат бренд и успеале да се прошират на одреден пазар. Најчесто типичен клиент со којшто работиме се компании што постојат повеќе од пет години и веќе имаат повеќе од 20 вработени. Во одреден сегмент ги опфаќаме и стартапите, па сè до најголемите компании во Македонија и во земјите каде што работиме, но грото компании се водени од млади претприемачи од 30 до 40 години, кои се веќе 5-10 години во бизнисот, успешни се, размислуваат како понатаму да го растат бизнисот и кој ќе биде предизвикот за следното ниво. Наједноставно кажано, ЦЕЕД е Бизнис клуб. Во Македонија нема култура на бизнис клубови, тоа, за жал, е реалноста. Дури и кога ќе кажеме бизнис клуб, претприемачите немаат со што да споредат. Фокусот на нашиот бизнис клуб е размена на искуства, размена на грешки, на научени лекции, запознавање на нови компании, ширење на можностите за правење бизнис, запознавање на нови клиенти, а сржта, секако е едукацијата.

Подготвеноста за учење на претприемачите е екстремно важна. За жал, општо, менталитетот во Македонија е дека многу малку се учи по завршувањето на формалното образование. Луѓето мислат дека сè знаат, сè научиле и нема што понатаму да учат, што апсолутно не е точно. Мислам дека има неколку предизвици на кои сите треба да работиме ако сакаме да бидеме глобални играчи. Прво е спремноста постојано да се учи и да се сфати дека колку и да си голем во Македонија, смешен си и мал во однос на глобалниот пазар. Мораме сите како луѓе повеќе да читаме, да одвоиме време за самоедукација и личен развој. Знаењето и парите мора да одат заедно и тоа секој претприемач мора да го разбере.

БИ: Што прави ЦЕЕД за претприемништвото во Македонија? Какви активности има за поддршка на претприемачите?

ceedНаједноставно, активностите на ЦЕЕД можам да го објаснам преку четири столба. Едниот столб е Бизнис клубот за којшто зборував. Клубот е систематизиран на следниот начин: Сите нови компании што стануваат дел од ЦЕЕД влегуваат во Bronze клубот. Во текот на една година имаат голем број на настани и теми низ кои разменуваат искуства со други претприемачи, се случуваат бизнис соработки. По една година, компаниите можат да продолжат во следното ниво, Silver клубот, каде што имаат минимум 10 теми, претежно за меки вештини (soft skills), како делегирање, коучинг, преговарање, носење одлуки, комуникациски вештини, управување со промени итн. Едно ниво погоре е Gold клубот, во кој се луѓе што поминале низ активностите на ЦЕЕД минимум две години. Во Gold клубот има друг тип на активности, нешто како групен консалтинг, имаме специјализирани настани и активности. Во овој клуб се и нашите партнери, со кои заедно соработуваме на различни нивоа.

Вториот столб е имплементирање на проекти. Овде влегува Фондацијата ЦЕЕД и еден навистина голем проект за Македонија, што имавме среќа да го имплементираме заедно со УСАИД. Преку Проектот на УСАИД за микро и мали претпријатија, имаме активности и надвор од Скопје, во четири региони, а откако во проектот се вклучи и швајцарскиот SECO (State Secretariat for Economic Affairs), уште еден стратешки партнер, со нивна помош од четири региони во кои работевме на почетокот, ќе успееме да работиме во сите осум региони низ цела територија на Македонија. Проектот има три компоненти, три активности. Едната е пресликување на активностите што ги имаме во рамките на клубот надвор од Скопје и адаптирани се за микро компании. Фокусот на оваа соработка со УСАИД и на нивна поддршка се токму микро компании до 10 вработени, значи компании веќе постоечки, иако има и некои што се во многу рана фаза. Во втората компонента на дел од тие компании им помагаме да имплементираат минимум една бизнис новина во својата компанија. Таа помош е со субвенционирање на дел од трошоците. Некои од услугите најчесто се сертифицирање за сертификати за квалитет или софтверско решение, маркетинг решенија… значи конкретна работа што на тој бизнис ќе му помогне да го зголеми бројот на вработени, што е и крајната цел на ЦЕЕД и УСАИД, да креираме што повеќе нови работни места. Со третата компонента, покрај знаење и поддршка во бизнисот, на одреден број компании им овозможуваме пристап до финансии преку Микро инвестицискиот фонд.

Другите два столба се ЦЕЕД ЕДУ, каде што нудиме услуги за синовите и ќерките на нашите претприемачи, го надополнуваме она што се вика формално образование и им помагаме на најмладите да научат, да видат што значи професионалец, не само во бизнисот, туку во било која професија. Во исто време сакаме да добијат осет што е тоа бизнис, без притоа да очекуваме дека и тие ќе почнат бизниси, туку со амбиција дека било што да фатат, ќе го фатат професионално и ќе станат врвни професионалци во која и да било кариера што ќе ја одберат. Четвртиот столб во ЦЕЕД е Клубот на бизнис ангели, којшто го развивме токму за нашите членови кои воедно се и ментори и изминатите седум години несебично го споделуваа своето искуство, едноставно, го волонтираат своето време. Во нашиот клуб во моментов има 16 бизнис ангели. Како група ги слушаат бизнис идеите, но одлуките ги носат сами. Може да се случи три четворица да инвестираат во една компанија и секој ја носи одлуката индивидуално.

jovan 2

БИ: Како функционира Клубот на бизнис ангелите?

Голем дел од бизнис ангелите што се во Клубот веќе имаат инвестирано или во рамките на својот бизнис или во споредни бизниси. Интенцијата ни беше да го пренесеме тој тренд што постои секаде во развиените земји, а тоа е да им се помогне на компаниите во многу рана фаза кога е најтешко да се добие поддршка, не само во пари, туку било каква поддршка. Да им се помогне во таа ранлива фаза да успеат да ја кристализираат својата бизнис идеја, да застанат на нозе и да го докажат својот концепт, да стекнат свои клиенти и понатаму да успеат да развијат успешна компанија. Преку овој клуб ги едуцираме бизнис ангелите како да бидат бизнис ангели, затоа што реално тоа не е нешто што можеме да го учиме од други во Македонија, буквално мораме да го преземеме тоа знаење, што ние како ЦЕЕД го правевме, преку посети на други земји, носење на бизнис ангели од Америка итн. Цела година работевме на едуцирање на бизнис ангелите, а нивниот бенефит е што и тие како претприемачи ќе успеат да го гледаат својот бизнис како инвестиција, што е многу важно за одделување на двете клучни функции, сопственичката од менаџерската.

Темата за бизнис ангели е релативно нова, дури и за развиените земји. Типичен бизнис ангел е човек чијашто компанија што ја започнал може да функционира без него/неа, си има точно определена менаџмент структура и тие се во некакви управни одбори на таа компанија. Значи имаат средства, имаат слободно време. Во некои земји тоа дури и е регулирано, мора да бидат акредитирани инвеститори, што значи некој кој има доволно средства и да ги изгуби вложените средства, да не му се влоши животниот стандард. Најчесто бизнис ангелите функционираат во клубови и една од главните причини за постоењето на тие клубови е едукацијата. Во клубовите се едуцираат новите бизнис ангели, пред воопшто да им дадат шанса и можност да инвестираат. Втората функција на клубовите е да не инвестираат сами, затоа што овие инвестиции се многу ризични. Како тим заедно можеме многу подобро да процениме одреден бизнис во многу рана фаза, каде што нема никакви индикатори, нема историја. Најчесто се проценува дали носителот на таа бизнис идеја е човек што може да ја изнесе на пат и да ја развие. Она што јас го научив од бизнис ангелите е дека идејата вреди нула, важен е човекот дали е спремен да вложи време, енергија, дали го има тој емоционален набој и интелигенција да успее од идејата да направи бизнис. Кога се зборува за бизнис ангели, се зборува за таканаречени паметни пари, затоа што пари можете да добиете од финансиски институции, но паметот не можете да го добиете. Бизнис ангелите многу често не сакаат да инвестираат во индустријата во којашто успеале. Бизнис ангелите не се тука да го водат и да го преземат бизнисот, туку да дадат пари, а претприемачот сам да ги носи одлуките. Бизнис ангелите се тука да дадат мислење, притоа да не ја поминат границата меѓу давање мислење, совет и наредба, бидејќи кога ќе станат партнери во бизнисот, сето тоа може многу лесно да се измеша. За тоа треба многу искуство и тоа е една од темите на која сите бизнис ангели постојано разговараат.

БИ: Кои се предизвиците и перспективата на бизнис ангелите во Македонија?

Младите претприемачи, младите компании коишто имаат некаква идеја и коишто мислат дека имаат што да понудат на пазарот, многу често го немаат потребниот капитал. Може да се функционира и без бизнис ангелите, како што се работело претходно, но бизнис ангелите малку ги забрзуваат работите. Целиот тој претприемачки еко систем има за цел некои работи коишто природно би се движеле пет, десет, 15 години за да развиете една нормална фирма, бизнис којшто би станал успешен, сето тоа да се случува малку побрзо, да се искористи знаењето, но и парите на овие успешни претприемачи за да се забрза тој процес. Во земји каде што конкуренцијата е огромна, брзината е многу важна. Значи потреба од бизнис ангели постои, финансиските институции не можат да ги следат стартапите, премногу се ризични, тие сепак работат со депозити на население и постои ниво на ризик до каде можат да одат. За жал, во Македонија нема инвестициски банки, така што има потреба од бизнис ангели, но еден клуб нема да ја заврши работата. Се надевам дека ќе има и други клубови, дека ќе имаме можност и ние да го растеме бројот на бизнис ангели за да можеме да инвестираме во што повеќе старт-ап компании или компании и да им помогнеме да го развиваат својот бизнис и што е најважно, да го развиваат својот бизнис надвор од Македонија. Тука е перспективата на бизнис ангелите. Ни требаат што повеќе компании што ќе успеат глобално. Не е лесно да си од Македонија и да се бориш со американски компании, но имаме успешни компании што се подобри и од американски и од европски. Значи можно е. Идејата и перспективата е во тој сегмент – да развиваме компании што ќе бидат успешни на глобалниот пазар.

За жал, во Македонија сè уште нема одредени даночни олеснувања за бизнис ангелите, како во Европа и во Америка. Концептот е едноставен – ако вие одлучите да реинвестирате дел од вашите средства коишто и не морате да ги инвестирате во бизнисот, но ако ги вложите во стартапи и ризични проекти, можете да ги намалите даночните давачки кон државата за одреден процент и тоа функционира. Но за тоа треба да се развие цел систем: што е акредитиран инвеститор, да се дефинираат улогите кој може да биде бизнис ангел итн. Мислам дека полека тоа ќе се случи, но истото треба да се направи многу внимателно, многу паметно, во некаков временски период, бидејќи многу често кога во неразвиените земји се обидуваат да го ископираат моделот на развиените земји, тогаш наместо да се направи услуга, да се регулира нешто, се отежнува уште во многу рана фаза. Според мене тоа е предизвик што е пред нас и во следните неколку години секако ќе се случува, со што бизнис ангелите ќе бидат и дополнително мотивирани да реинвестираат дел од својата добивка во други компании.