Над 60 претставки од граѓани и фирми за работата на инспекторите

35

До Инспекцискиот совет, од почетокот на оваа година, се пристигнати 64 претставки од граѓани и компании кои по разни основи се жалат на работата на инспекторите. Најмногу поплаки има за инспекторите од Трудовата и од Пазарната инспекција, пишува Миа.

“Поплаки најмногу има за несоодветно, некултурно или неправилно постапување на инспекторите. Претставките не значи дека секогаш има инспекциска повреда. Секој кој ќе биде казнет, на некој начин сака да се пожали некаде, но имаме и доста случаи кога жалбата е оправдана“, изјави претседателот на Инспекцискиот совет Ванчо Каргов.

Тој најави и нов систем за оценување на работата на инспекторите кои ќе се оценуваат квартално со цел да се подобри квалитетот на инспекцискиот надзор.

За работата на четворица трудови инспектори од кои двајца од Скопје и по еден од Тетово и Струга се пожалиле граѓани и компании чии претставки денеска се разгледуваат од страна на надлежните во Инспекцискиот совет. Покрај ова, на седницата ќе биде разгледана и жалбата за еден инспектор од Дирекцијата за заштита и спасување.

Минатата година од страна на инспекциските служби извршени се над 200.000 инспекциски надзори од кои најголем дел инспекции спровеле трудовите и пазарните инспекции и инспекторите од Агенцијата за храна и ветеринарство и од Инспекторатот за земјоделство. Донесени се 41.000 инспекциски мерки од кои најголем дел се решенија за отстранување на неправилностите, 1,5 илјада мандатни казнувања, 3,2 илјади покани за плаќање глоба, 3,6 прекршочни и 45 кривични пријави.